Вкупно 1.540 евидентирани невработени лица ќе имаат можност да се вработат со четири владини мерки содржани во Оперативниот план за вработување за 2013 година.
Мерките предвидуваат субвенционирање на вработување, субвенционирање на вработување деца без родители, обука кај познат работодавач и обука кај познат работодавач со субвенционирање за што Владата има обезбедено 72,2 милиони денари.
Огласите за вработување се објавени денеска и ќе траат до 1 март до кога во сите подрачни единици на Агенцијата за вработување можат да се пријават заинтересираните невработени лица, но и компаниите кои сакаат да ги вработат.
„Со првата мерка за субвенционирање на вработување планирано е да се опфатат 500 невработени лица, од кои до 80 лица од ранливите групи кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот за кои во период од шест месеци ќе се обезбедуваат средства во износ од 13.000 денари месечно, а за ранливите групи како жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, самохрани родители износот кој ќе се исплаќа изнесува 17.000 денари месечно. По 3.000 денари ќе се исплаќаат кај работодавачот како партиципација за трошоците. За реализација на оваа мерка се предвидени околу 50 милиони денари“, појасни на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Со втората мерка, додаде Ристовски, треба да се вработат деца без родители преку субвенционирање на нивното вработување во приватни компании, за што се издвоени средства во висина од околу 2,5 милиони денари. На работодавачот ќе се стимулираат со обезбедување плата во висина од минималната и тоа 100 проценти во првите 12 месеци и 100 проценти од износот на минималната плата во нето износ и 50 проценти од придонесите за задолжително социјално осигурување во следните 12 месеци. Работодавачот треба да ги задржи овие лица на работа најмалку две години.
За обуката кај познат работодавач се обезбедени околу 20 милиони денари и со неа треба да се вработат 850 невработени од 25 до 49 години, а приоритет ќе имаат лица со основно или гимназиско образование. Обуката ќе трае три месеци, а вработените ќе добиваат месечно по 5.700 денари. Работодавачите ќе добиваат средства за менторство и материјални трошоци а висината ќе зависи од тоа колку лица имаат ангажирано. Тие треба да задржат најмалку 50 проценти од лицата кои се обучуваат.
Со последната четврта мерка ќе се субвенционира вработување на 170 лица за што се планирани околу 9,5 милиони денари. Со мерката ќе бидат опфатени лица од 50 до 59 година, млади до 29 години со максимум средно образование, помали етнички заедници, лица во социјален ризик.
Директорот на агенцијата за вработување Влатко Попоски на прес- конференцијата посочи дека ваквите мерки даваат резултати, за што, како што посочи, говори и податокот дека околу 65 проценти од невработените кои биле вработени со ваков вид мерки останале на работа.