Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје доби електронска интерактивна табла која е дел од донацијата на „Македонски телеком“ за опремување на училиштата со ваква опрема.
Донацијата е во вредност од 165 илјади евра, а вакви интерактивни табли ќе добијат 66 основни и средни училишта во државата. Процесот на селекција е извршен по јавен повик на кој аплицираа 130 училишта, а еден од основните критериуми беше и искористеноста на постоечката информатичка технологија. За користење на овие табли се обучени вкупно 130 наставници.
Според министерот за образование и наука Панче Кралев, целта на донацијата е да се подобри воспитно-образовниот процес и употребата на информатичката технологија во образованието.
„Учениците позитивно реагираат на овие интерактивни табли, а од реакциите и на наставниците станува збор за еден проект кој наиде на огромна поддршка во сите училишта каде беше овозможен. Нашата цел како Министерство за образование и наука е да продолжиме и во иднина со новата технологија во училниците во Македонија“, изјави министерот Кралев на денешната официјална промоција на интерактивните табли.
Најави дека ќе се обидат да најдат средства од буџетот и од донатори со цел овие интерактивни табли да бидат дел од сите училници во училиштата.
Интерактивните табли се осигурени и со рок на гаранција. – Од директорите на училиштата е побарано да достават изјави со кои се обврзуваат дека ќе обезбедат максимални услови за заштита. Верувам дека училиштата ќе дадат максимални напори таблите да бидат заштитени и да не претрпат никакви штети, рече Кралев.
Главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Даниел Сас истакна дека тие како одговорна компанија се посветени да ги донесат најновите технологии во Македонија.
„Среќен сум што ваквите трендови успеавме да ги доближиме до најмладите генерации. Таблите се дел од еден поголем проект кој започна во 2007 година и во негови рамки се обидуваме да обезбедиме поддршка на Владата во модернизацијата на образованието“, рече Сас.
Денешната донација е дел од проектот на Македонски телеком за унапредување на образованието вреден три милиони евра. Проектот започна во 2007 година со обезбедување компјутерска мрежа во 93 училишта, а продолжи во 2009/2010 година со обезбедување компјутерска мрежа во студентските домови.