Претседателот на СДСМ Заев со честитка до припадниците на влашката заедница во Република Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонијa, Зоран Заев, денеска упати честитка до сите граѓани на Република Македонија, припадници на влашката заедница, по повод Националниот ден на Власите. 

„На сите припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честитам Националниот ден на Власите, 23-ти мај. Денот кога на Власите им биле доделени национални права во Отоманското царство, со што е признаено постоењето на влашкиот народ како посебен етнички, јазичен и културен субјект е од особено значење за влашката заедница, но и за целата македонска држава. Власите дадоа значаен историски, општествен и културен придонес во градењето на современата македонска држава.

Почитувањето на традиционалните вредности и меѓусебното разбирање е заеднички залог за благосостојбата и просперитетот на нашата држава.

Во оваа прилика, дозволете уште еднаш да ги повторам моите искрени желби за добро здравје, разбирање, мир и благосостојба на сите граѓани на нашата држава. Преку негување на вредностите, да ги утврдиме нашите напори и определби за градење европска и демократска Република Македонија во која се промовира еднаквост, почитување и соживот за сите граѓани.“ стои во честитката на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.