Задолжително ќе се испитува млекото кое се увезува

Врз основа на информациите дека е можно присуство на афлатоксини и во млекото и преработките од млеко по потекло од земји членки на Европската Унија, по минатонеделното решение за задолжително испитување на афлатоксини во млекото и преработките од млеко кои се увезуваат од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Косово, Агенцијата за храна и ветеринарство, издаде решение за задолжително земање на мостри за лабораториско испитување на афлатоксини во целокупните количини млеко и преработки од млеко кои се увезуваат во земјава.

До добивање на резултатите од анализите на мострите, млекото и преработките од млеко кои се увезуваат ќе бидат складирани кај увозниците, односно, нема да се пуштат во промет се додека за нив не се добијат позитивни резултати дека се безбедни. Доколку анализите потврдат присуство на афлатоксини над дозволеното, увезените количини млеко и преработки од млеко со наредба на Агенцијата ќе бидат уништени.

Засилени се контролите на фамите, во преработувачките капацитети, како и на домашниот пазар.

Производството на млеко во државава е под постојан мониторинг на Агенцијата за храна и ветеринарство, преку спроведување на Националниот мониторинг план за контрола на резидуи од ветеринарно медицински препарати и контаминенти кај живите животни и производите од животинско потекло во Република Македонија, кој е одобрен од Европската Комисија. Минатата година врз основа на овој мониторинг план, испитани се 81 мостри од сурово млеко, земени од различни фарми во државава. Според добиените резултати, ниту во една мостра не е утврдено присуство на афлатоксин.

Врз основа на воспоставениот интегриран систем на контрола, Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе продолжи со активно следење на состојбата.