Иако звучи морбидно, сепак во Сремска Митровица заживеа нов бизнис. „Жртвите“ сами се каснувале или си задавале повреди, а потоа тврделе дека ги каснало куче скитник.
Тие што го применувале овој „изум“ најчесто се каснувале за нога или рака, па потоа брзо оделе на доктор за потврда за повредите. Таму соопштувале дека се каснати на улица од куче скитник. Најпрво се купувале пластични вилици од на пазар, но бидејќи пластиката не оставала доволно длабоки рани, се преминало на користење на вистински кучешки заби, претходно провриени.
„Знаеме за тие измами, но остануваме немоќни. Од година во година, мораме да издвојуваме пари за оштета иако преземаме мерки за отстранување на кучињата скитници од нашите улици“. – изјави Драган Кардаш, заменик претседател на општина Рума.
Кога виделе дека општините добро плаќаат за каснување од куче скитник, жителите на Сремска Митровица ги оставиле мотиките и се зафатиле со полесен, „медицински“ бизнис. Се започнало од општината Рума, каде се прочул овој „патент“, па за брзо време се пренесол во Сремска Митровица, Инџија и во многу други општини. Општините биле принудени на спогодбена исплата од 110 илјади до 160 ијлади динари, со што би се избегнале далеку поскапите судски спорови. Само изминатата година, кучињата во Сремска Митровица успеале да „изедат“ околу 50 милиони динари.
„На прв поглед тешко е да се утврди како настанале раните“. – признава еден лекар од Сремска Митровица. „Подобро веднаш да реагираме, отколку да задоцниме. Мораме да им веруваме на пациентите кога ни кажуваат од што настанале раните. Итно им даваме инјекција против тетанус за да спречиме компликации, доколку се работи за бесно куче“.