Автобусот од Маргарет Тачер продаден за 20.000 евра

Автобусот отпорен на бомби кој го користеше поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, продаден е на една аукција за 17 илјади фунти (20 илјади евра). Иако зарѓавен, автобусот има историска вредност. Лицитацијата започнала со почетна сума од 10 илјади фунти, а ја купил анонимен колекционер на возила.

„Борбениот“ автобус е тежок 28 тони, произведен е 1980 година за посетата на Тачер на Северна Ирска каде тогаш имаше улично насилство. Изработен е по порачка од тогашната британска влада, опремен со додатен генератор, уред за доток на воздух, а конструкторите гарантирале дека освен што е отпорен на куршуми и бомби, автобусот бил отпорен  во случај на хемиско, биолошко и нуклеарно оружје.

Автобусот кој може да прими 35 патници, најпрво е користен за патувањата на „железната дама“ и нејзините министри, а покасно и бил предаден на војската за превоз на војници.

Километражата покажува 28 илјади изминати километри, што значи дека овој автобус не е премногу користен.