И покрај тоа што лидерот на табелата во АБА лигата постојано одржуваше водство, натпреварот во Скопје имаше интересна и неизвесна завршница. Сепак, МЗТ не успеа да дојде до пресврт и го доживеа 11 пораз во 22 натпревар во дебитантската сезона во регионалното натпреварување.
Уште од самиот почеток, користејќи ги проблемите со реализацијата на кошаркарите на МЗТ, Игокеа поведе со 8-2 и до крајот на натпреварот, во ниту еден момент не го препушти водството на противникот. Бакиќ, Гечевски и Чековски погодија во серија за МЗТ со што го изедначија резултатот, но во секоја таква ситуација, Игокеа имаше расположен шутер од далечина кој повторно ја враќаше предноста. Хемондс и Јоксимовиќ погодија неколку шутеви во серија во тој прв период и Игокеа ги заврши првите 10 минути со двоцифрено водство од 24-13. Кирил Николовски го најави враќањето на МЗТ во вториот период, се приклучија и Стојановски и Гечевски и МЗТ уште еднаш изедначи (29-29), но повторно истото сценарио. Адамовиќ погодува две тројки по ред и Игокеа повторно се одлепува, за на полувреме да се замине со 41-35.
Борис Бакиќ добро го почна второто полувреме со пет поени во низа, но тогаш во серија влезе Бранко Јоровиќ со неколку реализации по ред, за до крајот на периодот, сепак, МЗТ повторно да фати резултатки приклучок и со кошот на Кирил Николовски да намали на 54-53. На стартот на последната четвртина се играше кош-за-кош, но додека МЗТ тешко погодуваше од далечина, Јоровиќ и Штембергер реализираа неколку важни шутеви во завршницата креирајќи недостижна предност за нивната екипа која значеше и конечна победа од 81-77.
Тодор Гечевски со 21 поен, 8 скокови, 3 асистенции и 4 украдени топки беше најефикасен поединец на натпреварот, а покрај него, со двоцифрен број на поени во МЗТ завршија и Бакиќ (14), Оташевиќ (13) и Дамјан Стојановски (11). Во тимот на Игокеа, центарот Едвардс со 20 поени за 21 минута на теренот беше најефикасен, додека Јоровиќ, Адамовиќ и Јоксимовиќ ја одиграа најважната улога во решавачките моменти.
По овој меч, МЗТ останува на осмата позиција на табелата сега со точно половичен учинок од 11 победи и 11 порази. Наредниот натпревар избраниците на Алеш Пипан го играат повторно на домашен терен, а противник ќе биде хрватскиот тим Задар. Таа средба е предвидена да се игра на 2 март со почеток од 21.00 часот.
извор: МКФ