Педесет и една аптека ќе бидат отворени во рурални средини и во поголеми населени места низ државата. Бенефит од ова ќе имаат околу 100 илјади граѓани во Македонија.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека целта е да им се излезе во пресрет на граѓаните кои живеат во руралните области каде досега воопшто немало аптека или немало аптека која има договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Поради ова, посочи министерот, поголем број граѓани морале да патуваат по неколку десетици километри за да можат да дојдат до терапијата која им е препишана од лекарот.
„Деведесет и седум отсто од аптеките ќе бидат отворени во рурални области. Во некои села како што се Долнени, Могила, Липково, Јегуновце, Карбинци, Новаци досега воопшто немало никогаш отворено аптека и жителите на овие населени места лековите ги добивале во аптеките во поблиските градови што претставувало оптоварување за нивниот буџет и нивно малтретирање“, рече Тодоров.
Потенцира дека големата реформа која била направена од Министерството со донесување на мрежата на здравствени установи вродува со плод.
„Како резултат на носење на мрежата може да се детектираат сите оние слаби точки на здравствениот систем, каде што нема рамномерна распределба на здравствените услуги на целата територија на Македонија, поради што граѓаните кои живеат во тие места имаат потешкотии да дојдат до определена здравствена услуга, а во овој случај до лекови“, додаде Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека објавиле јавен повик на кој ги повикале сите заинтересирани врз основа на постојните прописи и услови да отворат аптеки во тие населени места.
„Добивме апликации за сите овие населени места за кои сега ја распишуваме концесија. Претходно го испитавме пазарот и интересот од правни и физички лица кои се подготвени да отворат аптека во овие места. Добивме соодветен интерес и како резултат на тоа го распишуваме огласот со кој ќе се креираат меѓу 100 и 200 работни места во зависност од тоа дали аптеката ќе работи во една или во две смени и тоа за кадар од областа на фармацијата – за фармацевти и фармацевтски техничари“, посочи Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Македонија бројот на аптеките е поголем од европскиот стандард, кој изнесува 400 до 500 аптеки, а во државата има 800 аптеки.
„Од тој аспект Македонија има повеќе од одлична покриеност со аптеки на територијата на државата. Она што било проблем е тоа што немало мрежа на здравствени установи и аптеките биле концетрирани во определени области на државата, а имало недостиг од вакви услуги во други области. Она што сега го имаме како резултат на носење на мрежата е овозможување на рамномерен развој на здравствените институции или на давање здравствени услуги на цела територија“, додаде Тодоров.
Директорот на Бирото за лекови, Илчо Захариев рече дека квотата на Фондот се движи од 150.000 до 200.000 денари. Според него, со оваа месечна квота ќе бидат задоволени потребите на населението со сите неопходни лекови од позитивната листа.