100% фудбал – кампања за борба против национализмот и насилството на фудбалските терени

100% фудбал е името на кампањата за борба против национализмот и насилството на фудбалските терени која Фудбалската федерација на Македонија ја промовираше официјално на 28 февруари 2013 (четврток), пред самиот почеток на пролетниот дел од националното фудбалско првенство. Потребата за една ваква кампања која е од неизмерна важност како за фудбалот, така и за оштеството воопшто, се наметна особено по зачестените инциденти и недолични скандирања како на натпреварите на националната репрезентација, така и во рамките на националното фудбалско првенство.

ФФМ, како општествено одговорно здружение се залага за покренување на свеста за борбата против национализмот и насилството, како и против дискриминација од кој било вид. Како водечко фудбалско управувачко тело во државата, Федерацијата се надоврзува на платформата на UEFA за почитување на играта во сите нејзини сегменти.

„Почитувањето треба да е клучен принцип. Да се почитува играта, да се почитуваат правилата, судиите, противниците, навивачите. Да се почитуваат разликите. Нашата порака е јасна: нема толеранција за насилството. Место за национализмот на трибините нема. Фудбалот треба да ги обединува луѓето по сите основи, да ги промовира различностите и да повикува на меѓусебно почитување. Треба да сме пример за достоинствено однесување, како во фудбалот така и во сите сфери на дејствување“, – рече Илчо Ѓорѓиоски, Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија.

„Фудбалот припаѓа на сите. Сакаме да гледаме убава игра, но сакаме и да се бориме против дискриминација, да создадеме промени во општеството. Промени кои се за доброто и на фудбалската игра и за сите кои ќе ги осознаат своите лични и колективни потенцијали со вредностите кои ги промовираме“, – изјави Генералниот секретар на Федерацијата, Димитар Зисовски. Во рамките на кампањата „100% фудбал“ планирани се повеќе активности. Некои од нив беа реализирани неодамна, како борбата против местење на натпревари за чија цел ФФМ одржа семинар за фудбалските судии (22-24 февруари 2013, Охрид).

На семинарот беше поканет и г-дин Греам Пикер, службеник за истрага на UEFA, кој одржа предавање на темата. На 22 февруари, петок во Скопје пак беше одржан Собир на Делегати каде покрај тестот за утврдување на знаењето и вообичаените активности при средба на делегатите, важен акцен беше ставен врз целите на кампањата „100% фудбал“ кои ќе бидат основни принципи при одржувањето на натпреварите во натамошниот дел од фудбалското првенство, а за чија организација во целосна смисла се задолжени делегатите.

Кампањата која има за цел да трае се додека постои потреба од борба против насилство и национализам, предвидува и промотивни активности кои Федерацијата ги најави за престојниот период во кои учество ќе земат и фудбалери од националната репрезентација кои поради своите обврски во клубовите надвор од државата, не можеа да приуствуваат на официјалниот почеток на кампањата. На прес-конференцијата присуствуваа фудалерите Емир Адем од ФК „Работнички“ и Остоја Стјепановиќ од ФК „Вардар“ кои исто така се дел од оваа кампања.

„Не случајно кампањата ја започнуваме денес, на само 3 дена пред почетокот на пролетниот дел од националното фудбалско првенство. Се надеваме дека нашата порака ќе стигне до сите и дека, раководствата на клубовите, раководствата на навивачките групи, како и сите граѓани ќе ни се приклучат на оваа наша иницијатива“ – додаде Претседателот на Федерацијата, Илчо Ѓорѓиоски.

Нашите репрезентативци Агим Ибраими и Иван Тричковски дадоа изјави за кампањата „100% фудбал“.

„Како професионалец најмногу ме интересира играта, но чувството дека сум почитуван за се она што го правам за клубот, а посебно за репрезентацијата е вистински мотив за уште подобри резултати. Тоа не беше случај на натпреварот со Данска. Имаше и недолични скандирања. Тоа нема да ме мотивира да дадам гол.  Како професионалци не дозволуваме да бидеме испровоцирани, но како  личности бараме  малку повеќе почит, како за мене, така и за моите соиграчи без разлика на националноста. Насилството и навредите нема никако да ни помогнат, целта за доаѓањето на натпревари треба да е друга – да се забавуваат, да уживаат во нашите успеси, но и да не поддржуваат“. – изјави Агим Ибраими.

„Репрезентацијата е светост за мене. На терените во странство се чувствувам како странец. Но не сакам и дома да се чувствувам така. Навреди не треба да има никаде, но најмалку треба да ги има во спортот, особено не во фудбалот како еден од најгледаните спортови. Ние сме едно во репрезентацијата, без разлика од која националност сме. Би сакал да ги видам навивачите да не почитуваат и нас и меѓу себе да се почитуваат онака како што тоа го правиме ние фудбалерите“. – изјави Иван Тричковски.