Нови 10 милиони евра од ЕУ за малите бизниси

Европската унија продолжува да ги поддржува македонските мали и средни претпријатија. Проектираните 2,2 милиони евра потрошени преку проектите во изминатите две години, како што беше оценето на денешната завршна конференција, им помогнаа на фирмите да ги зголемат производството и извозот, како и конкурентноста на домашниот и регионалниот пазар.

Нагласувајќи дека целта е поттикнување на економскиот раст и премин кон пазарна економија, евроамбасадорот Аиво Орав најави нови 10 милиони евра за малите бизниси.

Повеќето фирми со поддршка на европските експерти успешно ги остварија поставените цели, зголемување на бројот работни места и поголема конкурентност“, рече Орав во обраќањето.

Според министерот за економија Ваљон Сарачини, проектите за деловно-советодавни услуги и за раст на претпријатијата им обезбедија директна асистенција на фирмите за подобрување на нивните бизнис перформанси, но и развивање нови деловни вештини на менаџерско ниво што е многу значајно да се биде конкурентен во услови на пазарна економија.

Истражување на пазарот, развој на пазарна стратегија, брендирање, барање стратешки партнери, истражување извозни можности и привлекување инвеститори беа само дел од инструкциите што ги совладаа домашните фирми во рамки на ЕУ-проектите.