Во трилер завршницата пред полните трибини на Куманово, избраниците на Љубислав Луковиќ ја совладаа Кавала со 94-92. Иако победата можеше да биде и многу поубедлива, овој нов успех на домашен терен сериозно ги приближува кумановци до Фајнл Фор турнирот во дебитантската сезона во Балканското друштво.
Останува непоразен Куманово во својата сала и по ова трето коло од Топ Шест фазата во БИБЛ, со што македонскиот претставник се искачи на првата позиција на табелата со 4 победи и 3 порази. Домашниот тим претпазливо ја зголемуваше предноста во текот на првите три четвртини од инаку исклучително атрактивниот натпревар, за таа да достигне и високи 13 поени на само три минути до крајот, кои беа превисоки за Кавала и покрај тоа што грчкиот тим се приближи на само еден поен негатива во последните секунди од натпреварот.
Ентони Инграм одигра значајна улога во Куманово во текот на првата четвртина и заедно со Луковиќ, Костоски и Димчевски, го предводеа својот тим до одржување на блага едноцифрена предност. Во вториот период, Арбет и Таиру се разиграа кај гостите, но во ротацијата на Куманово одлично се снајдоа Младеновиќ и Станимировиќ со играта во одбрана, па на полувреме се замина со 46-40 за Куманово.
Одличен старт на третата четвртина имаше Куманово, кога Марјан Јаневски нареди седум поени во низа и домашниот состав стигна до прва двоцифрена предност. Немања Митровиќ погоди неколку три пати во серија во шутевите за три поени, па иако Куманово водеше на крајот на периодот со 11 разлика, Кавала навестуваше дека може да се врати во игра. Димчевски, Костоски, Луковиќ и Инграм со една важна тројка пред крајот ја одржуваа двоцифрената предност, сепак, со пресинг во самата завршница, Кавала, пред се предводена од центарот Колман, комплетно се врати и на 8 секунди до крај намали на 93-92. Фаулиран беше Александар Костоски, кој погоди едно од двете слободни, а последните пет секунди не беа доволни за Кавала да стигне до нова реализација, по што кумановци прославија заслужена и исклучително значајна победа.Ивица Димчевски со 23 поени, 4 скокови, 2 асистенции и 3 украдени топки, заедно со Луковиќ кој реализираше нов дабл-дабл од 17 поени и 10 скокови и Костоски кој одигра нов добар сестран натпревар со 14 поени, 8 асистенции и 7 скокови, беа предводници на играта и носители на триумфот. Голема помош добија од Инграм, Јаневски, Микиќ, но и сите останати во тимот кои добро ги искористија минутите кои ги добија на теренот. Кај Кавала, Вилијам Колман со 25 поени и 11 скокови и Немања Митровиќ кој погоди четири тројки беа најистакнати поединци. Статистика од натпреварот.
Следниот натпревар за Куманово е закажан за 13 март, каде избраниците на Љубислав Луковиќ повторно ќе бидат домаќини, овој пат на Рилски Спортист. На табелата, Куманово има 4-3, Левски 4-2, Кавала 3-4, а потоа следуваат уште Рилски и Галил со по 3-3, односно Теодо со 2-4.
извор: МКФ