50-ти Мавровски Меморијал 2013

На 01, 02 и 03 Март 2013 година, по 50-ти пат во Маврово се одржува традиционалниот „Мавровски Меморијал“. Ова меѓународно натпреварување го градеше својот висок рејтинг и стана висок препознатлив спортски бренд на Балканот и во Европа. Оваа најстара скијачка манифестација во нордиски дисциплини се одржува во следните дисциплини: слободен стил, 5 км жени и 10 км мажи.

Првиот “Мавровски Меморијал“ е одржан пред речиси педесет години во далечната 1957 година. Со текот на годините „Мавровски Меморијал“ прерасна во голем интернационален скијачки натпревар, и со гордост може да кажеме дека Република Македонија има најдолга традиција во ова натпреварување на Балканот.

И оваа година присустни се врвни имиња, високи ФИС претставници, скијачки екипи од повеќе европски земји, што ќе биде поттик за постигнување на подобри резултати и развој на нордиското скијање во Македонија кое бележи брз подем во последните неколку години.

50- иот јубилеен „Мавровски Меморијал 2013“, за отворен го прогласи претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.

„Ми претставува особена чест и задоволство што оваа година на патеките на преубавото Маврово ќе се одржи традиционалниот јубилеен 50 годишен Мавровски меморијал, остварувајќи ги желбите и соништата на генерациите од  далечната 1957 година, кои го организираа првиот меморијал – натпревар во нордиско скијање. Натпреварот се одржува во чест на загинатите 38 градители на електросистемот Мавровска хидроцентрала и 14 храбри граничари кои загинаа од снежната лавина во 1956 година, кои се вистинскиот стожер кој ја краси нашата денешница. Да се потсетиме на младите градители кои на акцијата “Маврово – 48”  порачале …машини доволно немаме, но имаме нешто друго, имаме срце и силна желба да ја изградиме нашата татковина, а тоа е посилно од секоја машина…“ – изјави Вељаноски.

WebOhrid