Првите 33 лица со статус деца без родители вработени во државната администрација

На 33 лица кои до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа денеска им беа врачени решенија за вработување во државната администрација.

Тие се веќе вработени во Министерството за труд и социјална политика. Оттаму тие треба да бидат преземени од други органи на јавната управа согласно нивните потреби согласно потребниот кадар, образовниот профил  и за слободните работни места. За вработувањето за годинава се издвоени буџетски средства во висина од околу 9,5 милиони денари.

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски им ги додели решенијата, истакна дека од доаѓањето на власт оваа Влада континуирано работи на подобрување на условите на децата без родители и родителска грижа. Притоа ги посочи зголемувањето на средствата кои тие ги добиваат при напуштањето на домот од 300 на три илјади евра, обезбедувањето станови, стимулација и поддршка за студирање со 24 илјади денари месечно, и сега, како што истакна, последниот чекор за решавање на работното прашање на овие луѓе.

„Со проблемите и предизвиците со кои се соочуваат овие деца се запознав додека живеев во близина на Домот за деца без родители и родителска грижа. Одблиску бев запознаен со што се соочуваат додека се во домот и по заминувањето од таму. Тоа што децата беа оставани без покрив над главата, без средства и без вработување по напуштање на домот доведуваше тие многу често да бидат вовлечени во проблеми. Затоа сметам дека се што досега презедовме заклучно со овој најважен чекор за решавање на работното прашање ќе им се помогне квалитетно да го продолжат својот живот“, истакна премиерот Никола Груевски.

Додаде дека до крајот на годинава и на почетокот на наредната ќе бидат објавени уште два огласи, со што, како што истакна, ќе бидат вработени сите лица кои ова прашање не го решиле во изминатите дваесеттина години. Натаму, посочи, сите деца кои годишно ќе излегуваат од домот по навршувањето на 18 години согласно Д-10 Програмата и Законот врз кој таа е изработена ќе бидат вработувани во државната администрација. Информациите говорат дека годишно домот го напуштаат во просек десеттина деца.

Огласот за вработувањето беше објавен на 10 јануари 2013 година, а на него се пријавиле вкупно 84 лица со ваков статус. Министерот Ристовски информираше дека по полагањето на стручен испит за државен службеник 37 лица биле поканети на интервју, а врз основа на сублимираните резултати одлучено е работно да бидат ангажирани 33 лица најподобни за конкретните работни места согласно нивните квалификации, образование и вештини.

На ваков начин, истакна Ристовски, се решава работниот статус на овие лица и се реализира ветувањето дадено пред извесен период.