Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид

Синоќа и официјално од Охрид коалицијата За подобра Македонија, предводена од владеачката партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, ја започна изборната кампања за претстојните локални избори. На митингот, кој се одржа на градскиот плоштад, беа присутни голем број симпатизери и поддржувачи на партијата. Свое обраќање имаа неколку високи партиски функционери и лидери на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“, а пред присутните се обратија кандидатот за градоначаланик на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, д-р Никола Бакрачески и носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ д-р Јованка Точко.

„Ја започнуваме нашата политичка визија, да им обезбедиме на Охрид и на Македонија перспектива и локален развој. Тука ја презентираме нашата визија за поубав Охрид, град каков што го заслужуваме ние неговите граѓани и како што го заслужуваат сите граѓани на Македонија. Желбата за промени и нови дела, промени кои ќе донесат нов напредок, подобар квалитет за живеење за вас, за  вашето семејство, за идните генерации и нашиот мотив кој не води во оваа кампања“. – рече Јованка Точко.

Како носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013, д-р Точко одговорно тврди дека  сите кандидати на листата за советници се исклучително вредни, исполнителни, а пред се, чесни луѓе. Како што кажа таа Кандидатите за советници на листата се различни по возраст, но со иста цел да одговаараат на целокупната проблематика со која ќе се занимава Советот на Општина Охрид во периодот што следи по 24 Март.

„Дојдовме тука за да кажеме дека е крај на овогодишните негодувања, на лажните обвинувања, на лажните ветувања. Да бидеме искрени локалната самоуправа не може да ги реши сите проблеми на граѓаните, но јас ќе бидам секој пат искрен со вас за периодот кој ни претстои, но пред се јас ќе побарам од вас да ми се придружите во напорите за преуредување на овој град, на единствениот начин, на она што се случувало во минатото, улица по улица, тула по тула, рака по рака и тоа е духот на Охриѓани, тоа е охридскиот завет што не турка напред и тогаш кога патот е неизвесен што не врзува заедно покрај нашите разлики“, рече кандидатот за градоначалник д-р Бакрачески.

На вчерашниот митинг се обрати и премиерот на Република Македонија Никола Груевски.

„Охрид со години веќе го води Ацо Петрески, еден од најнеспособните за работа градоначалници во Македонија, ама способен за манипулација со народот. Охрид заслужува многу повеќе од Ацо“, вака го започна своето обраќање премиерот на Владата на РМ, Никола Груевски.

Груевски најави реализација на над 10.119 проекти во 70 општини, во цела Македонија.

„Охрид доживеа многу помал напредок од најголемиот број општини во Македонија. Наместо како најпозната туристичка дестинација да доживее најголем развој, да привлече најмногу инвеститори, дозволи многу голем број работни места, во градот царуваше урбаната мафија, локалната мафија, а проекти немаше ни за лек.“, – рече Груевски.

MitingDPMNE2 MitingDPMNE3 MitingDPMNE4WebOhrid