Единствената политика која ја води и поддржува ФФМ е 100% фудбалска

Фудбалската Федерација на Македонија, денес со соопштение ја информира јавноста дека дава вонредни напори за зачувување на регуларноста на Првата македонска фудбалска лига.

„Фудбалската федерација на Македонија, принципиелно и професионално, целосно делувајќи во рамки на  фудбалските правила и прописи дејствува и носи одлуки кои дополнително и секојдневно ја потврдуваат посветеноста да ја издигнеме највисоката фудбалска институција над сите новонастанати состојби и наметнати проблеми со кои се соочуваме.

Во таа насока огромна важност и специјална улога имаат  печатените, телевизиските и електронските медиуми. Новинарите како коректори и критичари на нашето работење, конструктивно е да ги посочуваат недостатоци и несовршености во работата на ФФМ, но и тие треба да дејствуваат во насока на заштита на правилата на фудбалската игра.

Заради одбегнување на било какви несоодветни или произволни толкувања во јавните гласила, би сакале да ја информираме јавноста дека ФФМ во изминатиот период дава вонредни напори за зачувавање на регуларноста на Првата фудбалска лига, наспроти недореченостите создадени околу случајот „Шкендија“.

Одлуките на Управниот одбор на ФФМ, за одложување на натпреварот Шкендија–Ренова беа едногласно донесени и исклучиво во насока на зачувување на спортскиот интегритет на натпреварувањето, почитување на одлуките на институциите на системот и насоките на УЕФА и ФИФА за почитување на принципите на фер игра и интегритет на спортските натпреварувања.

Наметнатиот  проблем со кој се соочи ФФМ и за кој сеуште вложува максимални напори да го реши нема да  ги засени сите вредни и успешни проекти, резултатите на Македонската фудбалска репрезентација, како и напорите на фудбалската федерација да го промовира македонскиот фудбал.

Фудбалската федерација на Македонија посакува исклучиво стручна, аргументирана и ефикасна соработка со сите субјекти  во насока на зачувување на целосниот спортски интегритет.

Сите поединци, клубови, органи и тела на ФФМ и понатаму продолжуваат да дејствуваат во согласност со одлуките на институциите и препораките на УЕФА и ФИФА.

Единствената политика која ја води и поддржува ФФМ е 100% фудбалска“. – стои во соопштението од ФФМ.