Пензионерите го добија ветеното зголемување на пензиите

Околу 286 илјади пензионери денеска го добија ветеното зголемување на пензиите. На нивните сметки утрината се уплатени средствата за февруарската пензија која е зголемена за 550 денари линеарно за секој пензионер.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека зголемувањето на пензиите е целосно вклопено во проекциите на Буџетот за 2013 година и оти пензионерите можат да бидат спокојни дека секој месец ќе ги добиваат навреме пензиите покачени за 550 денари.

„На тој начин директно го помагаме животниот стандард на пензионерите. Секако, средствата никогаш не се доволно, но секое зголемување во вакви тешки времиња значи многу. Ние тоа го ветивме и го реализиравме“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба во Сојузот на здруженија на пензионери.

Најави дека Владата ќе продолжи со политиките за зголемување на пензиите и оти во 2014 и 2015 година се планирани нови покачувања доколку општите економски услови го дозволат тоа.

Ставрески потсети дека освен зголемувањето на пензиите, во изминатиот период се реализирани и низа мерки со кои се подобруваат условите за живот на пензионерите како што се намалувањето на цените на лековите, обезбедувањето на бесплатниот престој во болниците и бесплатниот јавен превоз.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски оцени дека Македонија е една од ретките земји во која има пораст на висината на пензиите за разлика од други држави каде има нивно намалување, што е јасен показател за добрите економски политики што се реализираат.

Потенцира дека зголемувањето нема да биде оптоварување за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување затоа што со проекцијата на Буџетот за 2013 година се планирани овие средства.

„Врз основа на проекциите што ги сработи Министерството за финансии е потврдено дека во рамки на Буџетот се предвидени доволно средства и дека нема да има никаков проблем во исплатата на средствата за пензии“, нагласи Ристовски.

Пензионерите изразија задоволство од реализираното ветување на Владата. Сметаат дека со ова ќе се подобри нивниот животен стандард. 

Покрај зголемувањето на пензиите, од денеска за пет проценти е покачена и социјалната помош.