Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Народната канцеларија во Скопје ги посети учениците кои учествуваат на 48-часовен меѓународен онлајн-натпревар по математика.
Меѓународниот натревар трае 48 часа, а конечниот пласман ќе биде познат утре. Организатор во Република Македонија е скопската приватна гимназија „Алгоритам” и учествуваат најдобрите математичари од основните и средните училишта. Тие, на Светскиот ден на математиката, се во трка со свои врсници од цел свет за што пократко време да решат што повеќе задачи и математички проблеми. Најдобрите што ја претставуваат Македонија се избрани од околу 2.000 на државниот натпревар што го организираше „Алгоритам”, под покровителство на претседателот Иванов.
Претседателот Иванов ги поздрави младите математичари, им посака уште многу успеси и ги поттика во иднина со уште подобри резултати да ја претставуваат Македонија во Европа и Светот. Македонскиот претседател истакна дека и во иднина ќе ја дава својата поддршка на вакви натпревари, кои се особено важно за унапредување на математиката, која како научна област претставува основа на процесот на техничко-технолошки развој.
Директорката на гимназијата Алгоритам, Марина Божинова, изрази благодарност за поддршката и покровителството од страна на претседателот Иванов и истакна дека особено ги цени континуираните заложби на Претседателот за поттикнување на научниот потенцијал кај младите.
„Во целата држава овој месец се случуваше револуција во решавање задачи. Во Македонија беа решени 9 милиони задачи, се натпреваруваа деца од целата држава. Софтверот селектираше 120 најдобри ученици и направивме тимови. Во моментов сме трети во светот, а од Европа пред нас е само Турција. Ако некоја земја не турне, повторно ќе бидеме меѓу првите десет во светот. Тоа е успех кој треба да им се припише на учениците, кои потврдуваат дека математиката не е нешто нерешливо“, изјави директорката на „Алгоритам” Марина Божинова.
Таа соопшти дека неколку ученици веќе освоиле златни медали затоа што се високопласирани во поединечна конкуренција (топ 100) и признанијата ќе им бидат пратени по пошта.
Седмоодделенецот Ѓорѓи Пенков од ОУ „Гоце Делчев” од Неготино е на 70 место во светот и второ во Македонија.
„Се трудев многу да го постигнам ова место. Во една минута засега можам во делење да решам 92 задачи. Тоа не е малку зашто треба и брзо кликање“, рече Пенков.
Елена Левковска, трета година во гимназијата „Алгоритам”, денеска освои два златни медала на натпреварот во категоријата од 14 до 18 години.
„Решив 68 задачи на потешко ниво, а тоа е е 98,7 проценти од сите можни. Во категоријата сме седум, а јас го држам второто место во „Алгоритам” според поени“, рече Левковска.
Гимназијата „Алгоритам” секоја година стипендира по тројца најдобри математичари, со цел да се поттикнат што повеќе ученици за таа природна наука.