На 6 и 7 март 2013 година во Анкара, Турција, директорот на Царинската управа на Република Македонија Ванчо Каргов оствари билатерална средба со директорот на Подсекретаријатот за Царина на Република Турција, задолжен за ЕУ и надворешни прашања, г-дин Хасан Косеоглу на која беа разгледани конкретните резултати од успешно воспоставената соработка и беа разменети мислења и предлози за нејзино продлабочување во иднина.
Директорите разменија искуства околу воведувањето на нови ИТ системи во двете царински управи, особено осврнувајќи се на развојот на Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС) во двете земји, имајќи превид дека и во Македонија и во Турција системот го развива истиот изведувач. Г-дин Косеоглу одржа презентација за развојот на НКТС во Турција, финансиран од страна на ИПА фондовите на Европската унија, кој е во функција од 01.01.2012 година и се осврна на нивните искуства со овој систем во изминатите година и два месеци.
Покрај ова, искажано е задоволство од нивото на соработка на полето на размена на информации во спроведувањето на трговската размена, при што е потенцирана потребата за натамошно продлабочување на соработката и олеснување на трговијата.
На средбата, но и во текот на неформалните дружења договорени се областите на понатамошна соработка, со посебен осврт на соработката во царинските контроли и истрагите.