Амбициозна, но реална и остварлива. Вака кандидатот за советник во новиот состав на охридскиот градски совет, адвокатот Александар Станкоски ги опишува предвидените активности во неговата официјална програма.
Станкоски најавува продолжување на активностите за носење на инвеститори од странство, кои би вложувале во Охрид. Меѓу приоритетите е и возобновување на старата идеја за изградба на Дом за стари лица за македонски граѓани – пензионери кои оствариле пензија во САД или други странски земји и кои би сакале остатокот од својот живот да го поминат во Република Македонија.
„Во мојата програма видно место зазема и туризмот, односно обидот за продолжување на туристичката сезона со изградба на скијачки и рекреативен центар на убавата Галичица со заедничко учество на хотелите од охридско-струшкиот регион и општината, а за кое веќе се направени одредени проекти и показатели за износот на потребните средства. Ќе се залагам за доделување на стипендии за најдобрите ученици кои се запишуваат на факултетите и еднократна, парична помош за секое новородено дете од 6.000 денари“, истакна Станкоски.