Агенцијата за цивилно воздухопловство го утврди летниот ред на летање кој стапува на сила на 31 март и истиот ќе важи до 26 октомври годинава. 46 дополнителни летови се најдоа во графата на дестинации, до кои компаниите, кои вршат редовен воздушен сообраќај ќе сообраќат во престојната летна сезона, од македонската претстолнина до атрактивните европски дестинации.
Имено, унгарскиот авио превозник Виз Ер, во престојнава летна сезона, го зголеми бројот на летови за дополнителни, 24 летa во однос на минатата летна сезона, кога летал 5 пати неделно на линијата Лондон – Скопје – Лондон и Венеција – Скопје – Венеција.
Во оваа сезона, Виз ер, го прошири блокот на дестинации, и од македонските аеродроми, ќе оперира до Базел, Ајндховен, Дортмунд, Бергамо, Малме, Менингем и Стокхолм.
Дури со 6 лета повеќе, оваа летна сезона се вклучи и компанијата Хелветик Ерлајнс, која продолжува да оперира на лините Цирих – Скопје – Цирих и Цирих – Охрид – Цирих.
Оваа година, компанијата одлучи наместо по еден лет само во недела, за Скопје да лета секој ден во неделата. За Охрид останува компанијата да лета, еднаш дневно, и тоа само во недела.
Четири пати повеќе, или практично, секој ден по два пати дневно, годинава до Истанбул, ќе оперира и турскиот авиопревозник, Туркиш Ерлајнс.
Бројот на летови го зголеми и Флај Дубаи, кој наместо, само во понеделник и четврток, оваа сезона на патувачката јавност ќе и овозможи фреквенции од Скопје до Дубаи и во четврток и недела.
3 лета повеќе од однос на минатата година, на патувачката јавност и овозможува и ЈАТ Ервејс, на линиите, Белград Скопје и Белград – Охрид – Скопје – Белград.
Со зголемување од по еден лет, во однос на минатата сезона е и компанијата Пегасус Ерлајнс, која оваа сезона се одлучи наместо да дестинира од Скопје до Измир, да оперира само на релација Истанбул Скопје, од вторник до недела.
Наместо еднаш дневно, оваа сезона, компанијата Tui Airlines Belgium, во вторник ќе оперира два пати дневно на релација Брисел Скопје. Останува непроменет бројот на операции, еднаш дневно во недела, компанијата да врши воздушен превоз од Брисел до охридскиот аеродром Св Павле.
Aустриан Ерлајнс, наместо 11 пати оваа сезона од Виена до Скопје ќе оперира 12 пати. Поточно и во вторник компанијата ќе реализира два, наместо еден лет дневно, како минатото лето.
Оваа летна сезона, во редовниот авиосообраќај со 4 лета неделно, ќе се вклучи и компанијата БХ Ерлајнс, и ќе дестинира од Сараево до Скопје, секој понеделник, среда, петок и недела.
Компаниите Бел Ер и Берлин ерлајнс остануваат со ист број на летови како и минатата сезона.
„Зголемувањето на бројот на авиофреквенции во претсојнава летна сезона, и ставањето на Македонија на мапата на примамливи дестинации од кои ќе се оперира до повеќе европски градови со евтини авио билети, јасно покажува дека македонското воздухопловство се движи во вистинската насока, авио транспортот да стане достапен до сите категории на граѓани, во духот на светските трендови“, – оценува директорот на АЦВ, д-р Дејан Мојсоски.
Агенцијата за цивилно воздухопловство, преку серија меѓународни договори и Меморандуми за соработка со европските воздухопловни институции, според Мојсоски, ги постави темелите за отворање на македонското небо и тло за превоз на патници од и до македонските аеродроми до десетици европски и светски дестинации.