Актуелниот македонски шампион го доживеа 12-от пораз во вкупно 24-те одиграни натпревари во АБА и на две кола до крајот се наоѓа на осмото место на табелата. Слабото прво полувреме и двоцифрената негатива беа главна причина за поразот и покрај резултатското враќање во второто полувреме.
Не успеа МЗТ Скопје Аеродром да ја повтори добрата игра од првиот меч против Шолнок игран во Скопје, кога избраниците на Алеш Пипан ја остварија и највисоката победа сезонава во АБА лигата, изразена преку 34 поени разлика. Агресивната одбрана на унгарскиот тим, кој уште од стартот беше предводен од расположениот Бадер, а и проблемите со реализацијата на кошаркарите на МЗТ, ја завршија првата четвртина со веќе висока предност на Шолнок од 22-9. МЗТ ја консолидираше играта во нападот до полувремето, па иако не успеа да ја намали двоцифрената негатива, сепак најави таква можност во второто полувреме.
Предноста на Шолнок почна да се топи уште на самиот старт на третата четвртина. Дамјан Стојановски, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски и Кејд Дејвис играа одлично во тој период од натпреварот, а по тројката на Стојановски и реализираните слободни на Гечевски, МЗТ се доближи на само еден поен негатива (52-51) пред крајот на третата четвртина.По поените на Миклош, Дејвис постигна тројка и го изедначи резултатот на 59-59, сепак, следуваше нова серија поени на Шолнок на стартот на последниот период (10-0) и домаќините повторно се одлепија. Имаше МЗТ обиди до крајот да се врати уште еднаш во игра, но константноста во играта во нападот на Шолнок не дозволи нов пресврт и Унгарците победија со 81-72.
Тодор Гечевски, Дамјан Стојановски и Кејд Дејвис со по 15 поени беа најпрецизни во тимот на МЗТ, а уште 13 поени додаде Ѓорѓи Чековски. Поени постигнаа уште Огнен Стојановски, Кирил Николовски и Борис Бакиќ. Кај Шолнок, Бадер со 24 поени беше најефикасен, а најголема поддршка доби од Флоренс кој заврши со 15 постигнати поени.
Овој пораз го оддалечи МЗТ Скопје од шестата позиција на табелата која води во Еврокупот, но тимот на Алеш Пипан и натаму останува во игра, во конкуренција на Унион Олимпија и Цедевита. Следниот натпревар МЗТ го игра на домашен терен, а тоа воедно ќе биде и последниот меч во деби-сезоната во АБА за МЗТ во СЦ „Борис Трајковски“. Во сабота од 17.00 часот, на „Металците“ им гостува Партизан од Белград. До крајот на сезоната, МЗТ има и уште едно гостување, на Крка во Словенија за 14 дена.
извор: МКФ