Владата започнува со реализација на проектот за изградба на придружни објекти по автопатите

Владата на Република Македонија започна со реализација на проектот за изградба на 30 комерцијални инфраструктурни градби на автопатите, магистралните и регионални патишта. Овој проект е дел од програмата на Владата и предвидува во следниот 4 годишен период да се воспостават нови придружни содржини на патните делници од типот на бензински пумпи, мотели и слично, кои се во функција на зголемување на квалитетот и на транспортот, но и на економскиот развој, рече на денешната прес-конференција портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.     

Ѓорѓиев истакна дека на минатата седница Владата ја усвои Информацијата на Министерството за транспорт и врски и усвои акциски план за реализација на активностите за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на 30 комерцијални инфраструктурни градби на автопатите, магистрални и регионални патишта.

„Во текот на минатиот месец, Министерството за транспорт и врски, во соработка со повеќе институции, Агенцијата за планирање на просторот, Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, изврши теренска анализа со цел утврдување на погодни локации за оваа намена. Во првата фаза се утврдени 9 можни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти и тоа долж следните автопати кои се во градба:

– Автопат Кичево – Охрид (L=57km) – 2 погодни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти, една локација во близина на Мешеишта и една во близина на Сливово;

– Автопат Демир Капија – Смоквица (должина од 28,2km) – 3 погодни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти, 2 локации во близина на Миравци и една во близина на Милетково;

– Автопат Миладиновци – Штип (L=47km) – 4 погодни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти, по една локација во близина на Пеширово, Сопот и две во близина на Свети Николе.“- истакна Ѓорѓиев.

Во втората фаза на реализација на овој проект, како што ќе напредува и изградбата на самите автопати, Ѓорѓиев рече дека ќе биде извршен дополнителен увид на лице место при што ќе се утврди дали постојат услови за урбанизација на дополнителни локации.

За реализација на овие активности, во следниот период ќе бидат изготвени ажурирани геодетски подлоги и ќе се изработи урбанистичко планската документација.

„По изработката на комплетната документација, во соработка со општините овие локации ќе бидат понудени на продажба по пат на електронско јавно надавање, при што за дел од овие локации оваа постапка се чини веројатно дека ќе биде реализирана до крајот на оваа или почетокот на следната година. Со овој проект се остваруваат поголем број на корисни цели:

-се дава дополнителна вредност и квалитет на системот на транспорт, односно сообраќајот;

-се придонесува и за овозможување на нови услови за бизнис заедницата за работа;

-се поттикнува и се дава поддршка на локалниот економски развој.“– рече Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев потенцира дека Министерството за транспорт и врски е отворено за совети и сугестии на оваа тема и за одговор на потенцијалните прашања во врска со аспектите на оваа тема.

„Од овој момент на објава на почетокот на реализација на проектот до моментот на реализација на постапката за продажба на локациите, постои период од неколку месеци во кои членовите на бизнис заедницата имаат доволно време да направат анализи за можностите за правење бизнис во оваа сфера, да се запознаат со сите околности и факти, и да направат планови за потенцијална инвестиција, од која што корист ќе имаат тие и нивната компанија, но ќе имаат корист и граѓаните затоа што со овие потенцијални инвестиции ќе се отворат нови работни места и ќе се придонесе за локалната економија.“– додаде Ѓорѓиев.