Промовирана првата верзија на софтвер за синтеза на македонски говор

Министрите за труд и социјална политика Спиро Ристовски и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, денеска ја промовираа првата верзија на софтвер за синтенза на говор на македонски јазик. Софтверот генерира аудио говор од електронски содржини и е наменет за слепите лица. Бесплатен е и секој што сака ќе може да го користи без надомест.

„Денеска направивме огромен чекор, рушиме уште една бариера за слепите лица – комуникациската. Овој ткн. ТТС, софтвер (текст во говор) ќе им овозможи достапност до целокупното општествено опкружување, загарантиран пристап до информациите, нивно примање и испраќање. Со тоа значително ќе се подобри квалитетот на животот“, истакна министерот Ристовски.

Како што рече министерот Ивановски сегашната првична верзија допрва ќе се усовршува се до добивање максимално чист човечки говор.

„Софтверот е одличен почеток, но мора да продолжиме со негов одржлив развој. Во спротивно целиот процес ќе згасне“, нагласи Коце Димов од Сојузот на слепи.

ТТС софтверот го изготви тим професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Според Димитар Трајанов, деканот на Факултетот, изработката на ваков систем е исклучително тешка и траеше речиси цела година.

Говорот на македонски што се генерира при читање, какви било електронски содржини на интернет е гласот на презентерката Ленче Смилевска од МРТ.

Како што беше речено, од вкупно 2.500 слепи лица во Македонија, 70 целосно слепи активно користат компјутер. На некои од членовите од Сојузот денеска по презентацијата им беа поделени и компакт дискови за инсталирање на софтверот.