Најсовремен апарат за понеагресивно водење на новородени бебиња кои имаат потреба од механичко вентилирање на белите дробови после критични раѓања, e инсталиран на Детската клиника. Со апаратот се применува помалку инвазивна техника со која лекувањето е побрзо во однос на класичната машина за дишење, поголем е процентот на преживување на предвреме родените бебиња и нема оштетувања на белите дробови и на мозокот. Апаратот е донација од доктор Лоренс Волин, неонатолог кој го води Одделот за неонатологија во Northside hospital во Атланта, Џорџија.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека доктор Волин, кој има повеќегодишно академско и клиничко искуство, престојува во Македонија од 7 до 17 март, вклучен e директно во работата на Детската клиника, помага за воведување нов метод и досега одржал предавања и едукација на докторите. Посочи дека Волин работи со докторите на Клиниката на воведување нова метода која досега не е изведувана во Македонија.
„Со воведување на таа метода се прави сериозен исчекор напред за подигнување на нивото на квалитет на здравствените услуги, а особено во насока на намалување на смртноста кај доенчињата или подигнување на здравствените услуги на Детската клиника. На овој начин продолжуваме со имплементација на проектот за едукација на специјалистите во Македонија од страна на врвни доктори специјалисти од познати болници во САД и Европа кои на тој начин пренесуваат знаења и вештини. Ова е вториот дел од проектот за едукација. Првиот дел е испраќање на доктори од Македонија во странство“, истакна Тодоров.
Доктор Волин, додаде министерот, ќе одржи и предавање на студентите на Медицинскиот факултет во Скопје.
Директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова рече дека употребувале машини за вештачко дишење со кои сепак малку поагресивно делувале во одржување на виталните параметри кај тие новороденчиња од една страна, а од друга страна го спасувале мозокот од натамошни оштетувања.
Апаратот, потенцира таа, ќе се применува за спасување на неонаталните животи.
„Неонатологија претставува практичко давање квалитетен живот. Секое дете се раѓа со одреден ризик. Се повеќе е зголемен бројот на предвремено родени новороденчиња или критичните новороденчиња и првата и основна улога кога ќе дојдат на Одделението е да го спречиме евентуалното натамошно оштетување на виталните органи за да оставиме квалитетен живот на овие деца во иднина“, рече Софијанова.
Со новата метода, како што посочи, се овозможува правење на нешто што ќе биде со многу помалку агресивност оставање на виталните функции да работат под наша контрола со новиот апарат, што значи респираторната функција да биде помалку агресивно нападната.
„Го оставаме детето на овој многу помалку агресивен метод за одржување во живот. Значи спречуваме инфекции, нешто што за жал се уште во државата е водечко во неонаталната смртност. Она со кое тоа ќе го спречуваме во иднина е многу помал престој на одделите за интензивна, многу понеагресивен приод кон децата кои имаат реални проблеми и помали оштетувања кои ќе претставуваат поквалитетен живот за децата во иднина“, рече Софијанова.
Таа појасни дека оваа метода ќе спаси 50 отсто од децата кои веќе треба да влезат во процедура да имаат вештачко дишење за да им се спаси нивниот живот. Со оваа метода, додаде таа, очекуваме дека сигурно повеќе од 50 проценти од новороденчињата ќе ги ставаме на овој помалку агресивен метод.
Доктор Волин рече дека новороденчињата се иднината на државата. Со апаратот, посочи тој, ќе се спречи ставањето на новороденчињата кои имаат потреба на механичка вентилација, ќе има многу помалку пневмонија или воспаление на белите дробови, како и многу помал престој на одделите за интензивна нега.
„Иднината ја гледам во една одлична соработка меѓу Македонија и САД за да може практично медицината да се подигне на многу повисоко ниво“, додаде Волин.