Интернационалците активни, Трајковски го совлада Пачовски, Попов под казна ја „грее“ клупата

Николче Новески го одигра целиот натпревар на кој неговиот тим Мајнц во гости ремизираше со 0:0 против Хофенхајм. 

Сервет изгуби со 1:2 од Цирих. Стрелец на победничкиот гол во гости за Цирих беше Адис Јаховиќ во 90 минута, откако претходно влезе во игра во 84 минута.

Томе Пачовски и Мехелен изгубија со 2:3 од Зулте Варегем и Александар Трајковски. Александар Трајковски успеа еднаш да го совлада Пачовски во 60 минута, а Пачовски доби втор жолт картон во судиското продолжение од натпреварот, во 94 минута.

Стоук Сити и Вест Бромвич Албион одиграа 0:0. Од клупата за резерви кај Вест Бром целиот натпревар го проследи Горан Попов. Неговиот тренер Стив Кларк најверојатно сеуште му нема простено за црвениот картон, за кој уште пред две кола му заврши суспензијата. Според Кларк, Попов требаше да биде казнет и од страна на клубот, казна која е помеѓу клубот и играчот и никако не смее „да излезе“ надвор од рамките на клубот.

Во Украина, Зорја го победи Волин со 3:1, за Волин целиот натпревар го одиграа Ванче Шиков и Душан Савиќ. Савиќ беше стрелец на единствениот гол за Волин.

Тимот на Никола Јакимовски, Нагоја Грампус победи во гости со 0:1 против екипата на Вентфорет Кофу. Јакимовски беше стартер на овој натпревар, а излезе од игра во 58 минута.

Кипар, Никола Глигоров и АЛКИ забележаа победа во гости против Аја Напа со  резултат од 0:3. Тимот на Тони Савески Омонија Никозија во гости победи против Олимпијакос со резултат од 1:4. Неа Саламис, тимот на Мирсад Јонуз забележа победа од 2:0 против Аполон Лимасол. За Неа Саламис целиот натпревар го одигра Арменд Алими.

WebOhrid