16 мртви при експлозија на камион со пиротехнички средства во Мексико

При експлозија на мал камион натоварен со пиротехнички средства, во текот на една селска прослава во Мексико, загинаа 16 лица. Во несреќата повредени се околу 155 луѓе, од кои 72 се задржани во болница.

Еден од сведоците изјавил дека видел како „тела летаат во воздух“ додека луѓето бегале и барале сигурно место за да се спасат. Жртвите стоеле на улица близу до камионот, спремајќи се за прослава.

На вакви прослави во Мексико огнометот е вообичаена работа, а несреќи се случуваат најчесто поради нестручно ракување со пиротехнички средства.