Создадени се сите предуслови за изградба на нов откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи во Битола.
Со овој проект, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, уште еднаш се потврдува добрата соработка меѓу Владата и локалната самоуправа.
„Целокупното земјоделско производство од Пелагонија ќе се откупува токму на оваа локација“, истакна Димовски кој присуствуваше на промотивниот настан.
Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, голем е интересот за инвестирање во вакви проекти поради што во функција се става државното градежно земјиште. Комитетот за градежна експанзија овозможи да се создадат потребните услови за непречено вложување и изградба на центри за откуп и дистрибуција на земјоделски производи во целата држава.
„Утврдивме повеќе од 30 локации на кои може да се градат откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи. Поголем дел се веќе откупени, дел од нив веќе се градат, а очекуваме тоа да се случи и во Битола. На овој начин ќе има поголем извоз на земјоделски производи“, истакна Јанакиески.
Како што соопшти градоначалникот Владимир Талески, центарот со површина од 4 хектари, ќе биде лоциран на локација што ја бараа земјоделците. Тој потврди дека домашни и странски компании веќе покажале интерес за изградба на центарот.