Курајчките василичари учествуваа на карневалот „Прочка 2013“ во Прилеп

По повод карневалот „Прочка 2013“ во Прилеп, а по покана од организаторот на карневалот, годинава Курајчките василичари беа нивни гости.

Во текот на вчерашниот ден, покрај многубројните маски кои продефилираа на карневалот „Прочка 2013“ во Прилеп, на долгата колона  во својот ред беше и Курајчката традиционална маска, која броеше 42 василичари. Курајчките василичари беа 59ти по ред, каде со својата специфичност на маските беа препознатливи, а маската ја отсликуваше традицијата која е добро позната, обредот кој се изведува на 13ти јануари со посетата на секоја куќа во Куратица.

„Под мотото Традицијата е нашиот идентитет, нашето дефиле беше мошне впечатливо, при што се помина во најдобар ред, како гости на карневалот „Прочка 2013“ во градот под марковите кули“. – вели Горан Ангелоски, претседател на здружението Св.Василиј од Куратица.

Настанот, односно гостувањето на Прилепскиот карневал, помеѓу другото е искористен и за блиски контакти со останатите карневалски здруженија кои гостуваа на вчерашниот прилепски карневал, при што воспоставена е блиска средба со карневалски манифестации од Птуј Словенија како и Хрватска.

„Остварени беа средби и контакти со меѓународни групи како и со претставници од федерацијата на европски карневали (FECC), со цел што поскоро приклучување кон таа федерација и на Курајчкиот карневал. Веќе добивме покани за учество на сродни манифестации во Хрватска и Словенија“. – додаде Ангелоски.

Претставувањето на Курајчкиот карневал надвор од охридскиот регион, а уште повеќе и надвор од нашите граници своевидно ќе претставува една голема придобивка на карневалот како и предочување на својата уникатна традиција која сама по себе остава длабок впечаток.

kuratica2WebOhrid

фото: kuratica.eu