Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе се пресели во нови и современи простории во зградата каде што беше сместен поранешен „Путник“, наспроти старата автобуска станица.
Новите простории во употреба денеска ги предаде министерската за култура Елизабета Канческа – Милевска која истакна дека тие ќе овозможат подобри услови за работа, но и развој на оваа национална установа.
„Во новиот двокатен простор од 200 метри квадратни ќе биде сместен целиот книжен фонд на библиотеката. На долниот кат ќе се наоѓа детско одделение, со пулт за информации, читална за деца и санитарен јазол. На горниот кат ќе биде сместен книжниот фонд за возрасни читатели, со пулт за информации, две канцлеариски простории за потребите на вработените, а предвидена е и современа читалница наменета за возрасни, каде на сите граѓани ќе им бидат достапни сите дела од богатиот фонд на библиотеката“, изјави Канческа – Милевска.
Како што најави таа, во просториите каде што е сега сместена библиотеката, ќе бидат отворени читалница за студенти и интернет – читалница, а еден дел од просторот ќе биде адаптиран во сала за симпозиуми.
Канческа – Милевска додаде дека во богатиот книжен фонд од над 150 илјади наслови со кој располага охридската библиотека, има и исклучително ретки книги.
„Таков е и примерокот на „Прохорпчинското евангелие“ од 14 век. Поради потребата од нејзина конзервација, книгата се наоѓа во Универзитетската библиотека во Скопје, во моментот се реставрира, така што до крајот на оваа година по завршувањето на нејзината конзервација ќе биде вратена во Охрид“, најави Канческа – Милевска.
При денешната работна посета во Охрид, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска беше во обиколка на локалитетот Плаошник каде што во тек е реконструкцијата на Светиклиментовиот универзитет, а во употреба ги предаде и двата телескопи кои се поставени на Самоиловата тврдина, кои ќе им служат на граѓаните, но и туристите за панорамско разгледување на градот и околината.