Наскоро решение за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово

Премиерот на Косово Хашим Тачи синоќа во Брисел изјави дека очекува во наредните денови да дојде до решение за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово.

„Очекуваме во наредните денови да дојдеме до решение за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, пред се во северна Митровица. Ние исто така сакаме слободно движење, спроведување на законите и развој на демократијата“. – истакна Тачи на заедничка прес-конференција со српскиот премиер Ивица Дачиќ и претставникот на ЕУ, Кетрин Ештон, по седмата рунда на преговори.

„Договор за нормализирање на односите ќе значи постигнување стабилност во целиот регион. Убеден сум дека иднината на двата народи се мирот и развојот“. – истакна Тачи. Тој исто така додаде дека во последните шест месеци бил постигнат значаен успех, кој до пред една година бил назамислив.

Според Дачиќ договорот помеѓу Белград и Приштина не е ни близу ниту пак далеку, бидејќи во секој момент може да се промени.

„И понатаму постојат некои разлики, првенствено околу заедниците на српските општини на Косово, но можам да кажам дека во овие седум средби изградивме еден однос во кој ги почитуваме договорите и ги решаваме клучните прашања“. – истакна Дачиќ.

Вчерашната рунда на преговори траеше скоро 12 часа.