Шест икони со мотиви од повеќе светци нацртани на хартија и 12.000 денари е епилогот од тешката кражба извршена во црквата „Пресвета Богородица“ во струшкото село Модрич.
Засега непознат сторител, ноќта на 20-ти односно рано утрото на 21-ви овој месец, влегол во камбанаријата преку незаклучената врата. Тука пронашол копач со кој го скршил катинарот од решетката на вратата на северната страна од црквата но не успеал да ја отвори и да влезе во внатрешноста на црквата.
Сторителот на вандалскиот чин и на тешката кражба сепак успеал да влезе од западната страна на црквата каде пронашол клупа од која се искачил до прозорецот на висина од околу 2 метри.
Тука, со употреба на физичка сила ги свиткал решетките, го скршил прозорското стакло и влегол во црквата. Веднаш започнал со пребарување и во еден плакар позади иконостасот ги пронашол парите. Тој ги одзел и шесте икони кои биле нацртани на хартија.
Полициската станица од Струга, по увидот што го изврши на лице место презема мерки за пронаоѓање на сторителот на тешката кражба.