Јанкулоска: Нема да се толерира никакво нарушување на изборниот процес

Републичкиот оперативен штаб што го формираше Министерството за внатрешни работи заврши со подготовките за обезбедување мирен, фер и демократски изборен процес односно со сите активности поврзани со обезбедувањето на кампањата и предизборниот период.

Со полициска придружба вчера е извршен транспорт на доверлив избирачки материјал  од печатницата во Битола „Киро Дандаро“ до седиштата на 80 општински изборни комисии. Засега, информираше на денешната прес – конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, не се пријавени, ниту регистрирани никакви проблеми.

„Уште еднаш би сакала да апелирам граѓаните и политичките партии да покажат висока свест и да не дозволат да бидат вовлечени во какви било изборни инциденти или нерегуларности. Нема да се толерира никаква узурпација или нарушување на изборниот процес“, рече Јанкулоска.

На денот на изборите в недела МВР ќе ги обезбедува 2.976 – те избирачки места од 06-19 часот, односно се до целосно завршување на гласањето и на работата на избирачките одбори. Обезбедувањето, појасни Јанкулоска,  опфаќа физичка безбедност на објектите каде се наоѓаат гласачките места и приодот до нив за време на гласањето, физичка безбедност на гласачките материјали и лична безбедност на гласачите, кандидатите, партиски работници или претставници, членови на ИО, акредитирани набљудувачи и воопшто јавноста.

„Ќе се преземат сите неопходни мерки за отстранување на потенцијалните закани по безбедноста во овој период“, истакна Јанкулоска.

Таа додаде дека ќе се преземат и мерки за отстранување на спречување, заплашување или малтретирање гласачи, при евентуални закани насочени кон членовите на органите надлежни за спроведување на изборите, овластените набљудувачи, медиумите, спречување носење оружје на јавни места, а посебно да не се дозволи носење оружје во и околу гласачките места.

По завршувањето на изборите, најави таа, ќе бидат преземени сите мерки и за обезбедување услови за непречено сумирање на резултатите  од гласањето и непречена работа на избирачките одбори и општинските изборни комисиии, како и обезбедување на изборниот материјал во сите фази на доставувањето.

Граѓаните кои евентуално изгубиле или немаат биометриски личен документ неопходен за гласање, информираат од МВР, за нив ќе може да аплицираат и утре. Управните служби на МВР во текот на утрешниот ден, низ цела република ќе примаат и ќе ги одобруваат барањата од 08.30 часот до 16.30 часот. Граѓаните кои утре ќе аплицираат или кои аплицирале претходниве денови, ќе можат личните документи да ги подигнуваат и во недела бидејќи на 24-ти е предвидено да работат сите управни служби од 07 до 19 часот, но само за издавање документи, со исклучок на Скопје, каде што и во недела ќе може во итна постапка да се аплицира.

Во рамки на подготовките за овие избори, МВР има изготвено мапа со места со зголемен ризик од тензии врз база на инцидентите регистрирани во претходните изборни циклуси и врз база на оперативните сознанија и информации.

Од МВР потсетуваат дека учесници во претходните изборни нерегуларности биле и 30 членови на избирачки одбори, најчесто како сторители на кривични дела „повреда на избирачко право“ и „злоупотреба на избирачко право“, од кои 16 од женски пол, а 14 од машки пол. Од нив 23 лица биле членови на избирачките одбори, четворица претседатели на избирачки комисии, а тројца заменици-претседатели. Според местото на вршење на должноста најмногу се од подрачјето на Тетово-15, девет лица се од Дебар и шест се од Охрид. Покрај нив, во изборните инциденти учествувале и двајца овластени набљудувачи, од подрачјето на Тетово и Скопје.

Во изборните инциденти исто така учествувале и пријавени се и 12 припадници на полицијата, најчесто за извршени кривични дела „спречување избори и гласање“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Најмногу полициски службеници се од подрачјето на Тетово-седум, двајца се од Гостивар и по еден припадник од Скопје, Дебар и Струмица.

За време на спроведување на изборните процеси во 2008, 2009 и 2011 година беа регистрирани вкупно 257 случаи на нарушувања, за што од страна на МВР во 55 случаи се преземени мерки на кривичен прогон против 232 сторители за сторени вкупно 97 кривични дела. Најголем дел од овие дела, преку 90 проценти беа регистрирани за време на изборите во 2008 година.

Сторителите како физички лица најчесто се јавуваат како извршители на кривично дело „спречување избори и гласање“, само три се од женски пол, а останатите од машки. Според возраста, најголем број од лицата се на возраст од 18 до 30 години. Во однос на степенот на образование, најголем дел или 83 лица се со средно образование, а според социјалниот статус, 137 лица се вработени, а само 31 лице е невработено. Најголем дел од нарушителите на изборните инциденти се од подрачјето на Гостивар- 69, потоа 42 се од Тетово, 32 лица од Скопје, десет се од Дебар, и така натаму, а речиси сите од нив делувале на местото од каде што потекнуваат во групи составени од четири до девет лица.