Селото од Попај се наоѓа на Малта

Во идиличниот Анкор залив, на северозападот од Малта се наоѓа една мала скриена атракција на Медитеранот. Селото Свитхеавен е познато како „Селото од Попај“, место во кое „живее“ познатиот јунак од цртаните филмови. Иако е само приказна, тоа многу им се допаѓа на туристите кои доаѓаат да го посетат ова место.

Пред повеќе од 30 години, овој залив во облик на сидро (анкер) бил само една од плажите на Малта, а подоцна е одбран како место каде ќе биде изградена сценографијата за холивудскиот филм за Попај морнарот. Филмот го снимија прочуените куќи „Disney“ и „Paramount“, а главната улога на шармантниот морнар беше Робин Вилијамс.

Денес во селото се наоѓаат 19 автентични куќички. Некогашниот филмски сет е претворен во туристичка атракција и музеј на отворено.

Филмот со Попај не забележа којзнае каков успех, но затоа пак Малта поседува едно оригинално место со волшебни куќи, бројни музеи, игротеки, атракции наменети за најмладите, идилични плажи, мини-крстарења. Посетителите може да се запознаат со Попај и со останатите ликови од овој цртан филм, во рестораните неизбежни се специјалитетите со спанаќ, има и кино-сала која прикажува цртани филмови со Попај. Најомилен сувенир е конзерва со спанаќ со ликот на Попај.