Пари за купување најсовремена механизација, за изградба, не само за реновирање пластеници и оранжерии, за обнова на млекарници, фарми, преработувачки капацитети во месната индустрија, како и за изградба, не само за реновирање објекти за рурален туризам, се дел од измените на ИПАРД програмата. Нивната имплементација ќе стартува со следниот јавен повик што треба да биде објавен во јуни годинава.
Како што соопшти денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, намалена е границата за аплицирање што овозможува ИПАРД барања да поднесуваат и поситните земјоделци, но зголемена е и сумата за поголемите проекти.
Измените воедно овзможуваат за претпристапните средства да конкурираат и малите и средните претпријатија поради што се очекува значително поголема апсорпција на европските фондови.
„Можностите се сега многу поголеми. За оние кои сакаат да изградат нови оранжерии границата на дозволени трошоци е подигната на повеќе од 2 милиона евра. Ќе може да се користат и средства за изградба на нови објекти во руралните средини со капацитет до 30 соби и 70 легла во насока на развој на туризмот и нови вработувања за што сметаме дека ќе има голем интерес. Оттука, очекуваме на наредните огласи да се јават поголем број апликанти и искористеноста на средстата да биде многу поголема“, истакна Коњановски по средбата со претставниците на Сојузот на стопанските комори.
Досега, бројот на апликации беше прилично низок, 70 до 90 по јавен повик.
„Сега ќе биде сосема поинаку. Очекуваме по околу 1.000 апликации што ќе значи и многу посериозна апсорпција на средства“, напомена директорот на Платежната агенција Тони Димовски.
Досега тракторите воопшто не беа дел од ИПАРД програмата. Механизацијата се кофинансираше преку Програмата за рурален развој.
„Нудиме нешто што досега не постоше во ИПАРД, а ќе придонесе да им излеземе во пресрет на барањата на земјоделците“, посочи Димовски.
Сојузот на стопански комори ги поздрави измените и побара од Министерството за земјоделство формирање координативно тело од сертифицирани советодавни фирми кои ќе им нудат консултантски услуги на сите заинтересирани агро-бизнис фирми за изработување програми за користење ИПАРД средства.
Согласно измените, во секторите „млеко и млечни производи“ и „месо и месни производи“ намалени се минималните граници од 15.000 евра на 10.000 евра, а зголемени се максималните, од 800.000 евра на 3.000.000 евра.
Максималната граница се подигнува до 2.300.000 евра за проектите поврзани со изградба/обновување и модернизација на пластеници (со исклучок на тунелски фолии) и стакленици или до 1.700.000 евра за проектите поврзани со изградба/реконструкција на објектите за одгледување свињи во тов и за воспоставување нови живинарски капацитети за одгледување бројлери и модернизација на постоечките.
Во делот лозарство, овоштарство и зеленчук, како прифатливи инвестиции се додаваат опрема за берба и пост-бербени активности, земјоделска механизација и приклучна опрема, промена или пренамена на насади/сорти/производство.
На Македонија и остануваат неколку десетици милиони евра од ИПАРД периодот 2012/13 година, како и сумата од изминатиот која се префрла со одредени правила на ЕУ. Можно е дел да бидат загубени, но во тек е креирањето на ИПАРД 2 каде интерактивно соработуваме во однос на мерките и начинот на аплицирање.