Македонија сака да направи нова легислатива во областа на телекомуникациите во која покрај европските ќе бидат имплементирани и американските искуства, најави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешниот состанок посветен на подготовката на новиот Закон за електронски комуникации.
На состанокот беа презентирани шестте нови директиви на Европската Унија за областа на електронските комуникации пред телекомуникациските оператори кои треба да бидат пресликани во нашето национално законодавство. До средината на април треба да биде готов предлог текстот на новиот закон, а потоа да се организира и јавна дебата.
„Фокусирани сме на поглавјето иновативност каде ќе им овозможиме на телекомуникациските оператори доколку инвестираат во иновативни решенија во образованието, здравството, земјоделството и генерално во економијата да можат на некој начин да бидат субвенционирани и за изградба на мрежи во руралната средина“, рече Ивановски.
Европската Унија, појасни, во 2009 година донесе нов сет на директиви кои треба да се пресликаат во законодавствата на земјите членки на ЕУ и кандидати за членство.
„Со нивната имплементација ќе се подобри пазарот во Македонија, ќе има поголема конкурентност и заштита на корисниците, како и поголема заштита на децата од злоупотреба на интернет. Воедно ќе има и подобар телекомуникациски сектор со тоа што подобро ќе се регулира спектарот на кој што ќе се делува и ќе се овозможи делење на мрежата“, изјави министерот Ивановски по состанокот.
Нагласи дека доколку некој оператор инвестира во изградба на инфраструктира ќе може да ја сподели со останатите оператори.
„Тоа значи дека дел од операторите ќе може да инвестираат и да имаат потоа подобар бизнис модел со кој ќе можат да ги вратат инвестициите“, рече Ивановски и додаде дека ќе има дополнителна дискусија дали користењето на мрежите ќе биде по регулирани или пазарни цени договорени меѓу операторите.
Иднината, додаде, е во 4G технологијата која ќе има најголем проток на податоци до 2017 година.
„Се надеваме дека за брзо време ќе имаме инвеститор во Македонија кој ќе ја воведе, бидејќи веднаш по изборите Агенцијата за електронски комуникации ќе го распише повикот за воведување на 4G технологијата“, посочи Ивановски.
Целта на ЕУ, предочи, е 40 проценти од домаќинствата во секоја од земјите членки да имаат конекција на широкопојасен интернет, а 50 проценти од граѓаните да користат интернет. Тоа веќе е исполнето во Македонија.
„Според последниот извештај на Државниот завод за статистика во Македонија 58,3 проценти од домаќинствата имаат конекција на широкопојасен интеренет, а дури 57,5 проценти од граѓаните го користат“, рече Ивановски.