Донесување нови плански документи кои дополнително го олеснуваат пристапот до остварување на водното право, усогласување со европското законодавство, воспоставување нови стандарди, не само во заштитата на водните ресурси, туку и во начинот на соработка кај општествените чинители се главните резултати кои произлегоа од проектот „Подобрување на законската рамка за животната средина во делот на водокорисничкото право“.
Проектот се реализира како заедничка активност на Министерството за животна средина и просторно планирање и Центарот за еколошка демократија „Флорозон“, во соработка со Британската амбасада во Скопје. На завршната конференција на овој проект, денеска се обратија министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и амбасадорот на Обединетото Кралство Кристофер Ивон.
„Изготвени се подзаконски акти за формата и содржината на обрасците за добивање дозвола за користење и испуштање на водите, а нивната практична примена ќе биде предизвик и исчекор во административното работење. Подготвените упатства за поднесување барање за добивање дозвола за користење на водните ресурси и креирање на онлајн апликацијата и упатство на веб порталот на Министерството е нешто ново и ќе биде од голема корист за секој апликант“, рече Адеми.
Она што се очекува понатаму, нагласи Адеми, е подготовка на единствен национален информативен систем за води, заснован врз влезни податоци и информации, точно дефинирани во простор и време, кои се производ на овој проект.
Амбасадорот Ивон истакна дека Британија ја поддржува Македонија во европската интеграција. Патот кон ЕУ интеграцијата, како што рече тој, бара имплементација на европски закони и барања, а тоа беше присутно и во последниот Извештај.
Тој посочи дека со овој проект ќе се овозможи поефикасно управување со водите, ќе се заштитува правото на граѓаните, правото на компаниите, ќе се знае за нивото на вода што смее да се користи, за количина и квалитет на вода.
Кирил Ристовски, програмски директор на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ потенцира дека е првпат една НВО од секторот екологија директно да влијае врз одредена промена на легислативата и притоа да го изменаџира на, како што рече, крајно транспарентен и демократски начин.