Сите министерства до крајот на оваа година треба да се сертифицираат со ИСО стандард, а останатите државни институции што за годинава не обезбедиле финансии за таа намена се должни да воведат таков стандард до крајот на следната година.
Обврските за сертифицирањето на државните органи се предвидени со Предлог законот за воведување систем за управување со квалитет и заедничка рамка за проценка на работењето и давањето услуги во државната служба, што го усвои Владата во вторникот.
„Воведувањето на системот за управување со квалитет на услугите треба да обебзеди високо ниво на задоволство на корисниците на услугите на државната служба преку достигнување или надминување на очекувањата на корисниците“, рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
За да се подобри управувањето со квалитетот во работењето и давањето услуги се воведува најмалку основниот стандард ИСО 9001, а зависно од надлежностите на органите може да се воведат и други типови ИСО или македонски стандарди кои ќе го надополнуваат основниот стандард. За подобрување на управувањето со квалитетот во работењето и давањето услуги во државните органи се воведува заедничка рамка на проценка преку вклучување на вработените и самооценка, врз основа на насоки и упаттства изготвени од МИОА.
Со ИСО стандардизацијата, појасни министерот, се поставуваат протоколи на активностите во државните органи.
„Работните задачи на вработените во државната администрација ќе бидат проследени со процедури, кои по сертифицирањето ќе бидат набљудувани од сертификациски тела. Ако не ги почитуваат процедурите нема да можат да се ресертифицираат за две или три години. Тоа значи дека за секоја услуга која ја бараат граѓаните од институцијата има и пропратен документ со кој се следи текот на процесот“, рече Ивановски.
Предлог законот предвидува сертификациското тело кое ќе врши сертификација на државните институции да мора да се акредитира во Институтот за акредитација, согласно прописите за акредитација. Владата ќе формира координативно тело за спроведување на целиот процес, а секоја институција со систематизација ќе креира работно место зкоординатор за воведувањето станарди и инструменти за управување со квалитет.
Доколку одредена институција не ги воведе потребните стандарди законот предвидува глоба од 1.500 до 8.000 евра за функционерот кој раководи со неа. Глоба од 750 до 4.000 евра ќе му се изрече на координаторот на сертификацијата ако не преземе активности за воведување на стандардите.
Во просек за еден државен орган со околу 120 вработени и 12 сектори воведувањето на стандардот и сертификацијата би чинела 550 милиони денари. Доколку се сертифицираат сите 335 буџетски корисници и 85 општини, оваа постапка би имала финансиски импликации од околу 231 милион денари.
Предлог законот е изготвен по иницијатива на консултантот за примена на ИСО стандарди Богољуб Ангелковски, што ја претставил на манифестацијата Отворените денови на Владата.
Според Ангелковски, иницијативата е резултат на неговата желба да се подобри квалитетот во управувањето и услугите за граѓаните. Неговото 25 годишно икуство во областа покажало дека одржувањето на стандардите по нивното воведување е потежок процес, но оти со постојаност и надзор даваа резултати.