Промовирана публикација со пресуди на Европскиот суд за човекови права

Со конференција денеска во Скопје се одбележа завршувањето на тригодишниот Проект за македонската судска пракса, во рамки на кој се издаде публикација со нови преведени 20 пресуди на Европскиот суд за човекови права.

„Ова е најдолгиот проект што го имало македонското правосудство досега, а се состоеше од организирање обуки, работилници, семинари и студиски посети“, рече директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска.

Најзначаен резултат од проектот, како што додаде,  е преводот и издавањето публикација во два тома со нови 20 пресуди на Европскиот суд за човекови права,  која ќе биде значаен тренинг материјал за македонските судии и обвинители.

„Значаен резултат е формирањето на веб-страната на Врховниот суд на РМ  каде ќе биде постирана судската пракса на апелациските судови како вовед за подобра унификација и хармонизирање на судската пракса на ниво на цела Македонија, а со цел за зголемување на правната сигурност и еднаквост на граѓаните пред законот“, истакна Арнаудовска.

Министерот за правда Блерим Беџети во обраќањето на конференцијата посочи дека со реализацијата на овој проект поддржан од Кралството Холандија значително ќе се унапредат судската пракса во Македонија што директно ќе придонесе за зголемување на квалитетот на донесените судски одлуки, како и на целокупниот законодавен процес на  правничкото образование.

„Во контекст на судската пракса, а во насока на зголемувањето на транспарентноста на правосудните институции на интернет страниците на судовите континуирано се врши објавување на анонимизирани судски одлуки и пресуди до кои имаат пристап граѓаните во секое време“, истакна министерот Беџети.

Во контекст на тоа рече дека досега на веб-страниците на судовите се објавени повеќе од 143 илјади пресуди и одлуки.

„На располагање на судовите е базата на закони ЛДБИС која континуирано се пополнува со новите правни прописи при што досега се внесени повеќе од 27 илјади закони, подзаконски акти, меѓународни договори и прописи“, посочи Беџети.

Проект менаџерот од Центарот за меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ) од Кралството Холандија, Лино Бросиус рече дека проектот имал за цел да го подигне нивото на транспарентност и правна сигурност во Република Македонија.

„Главниот успех на овој проект беше тоа што ги соединивме македонските и холандските правни стручњаци на ова поле“, додаде Бросиус.

Резултатите од спроведените активности во рамките на Проектот пред присутните ги презентира Бросиус, а претседателката на Врховниот суд на Република Македонија Лидија Неделкова официјално ја презентира организациската струкутра на дата базата за судската пракса, чија имплементација беше опфатена со овој проект.

Имплементацијата на проектот беше од страна на Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со домашните партнери и целосна поддршка на Центарот за меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ) од Холандија преку програмата МАТРА на холандското МНР и амбасадата на Холандија во Македонија.