Интензивен мониторинг и анализа на состојбата во сообраќајот низ градот

Полициската станица за безбедност во сообракајот, деновиве вршеше интензивен мониторинг и анализа на состојбата во сообраќајот со теренски увид на повеќе сообраќајници низ градот.

Притоа, полициските службеници, од страна на сите учесници во сообраќајот констатираа низа прекршоци, неправилности, непочитување на сообраќајните правила и прописи односно на поставената сообраќајната сигнализација. Пешаците, како учесници во сообраќајот не ги користат тротоарите и не се движат по другите површини наменети за нив,  коловозите често  ги минуваат на необележани места и далеку од обележаните пешачки премини, ја прескокнуваат бетонската ограда посебно на булеварот „Туристичка“.

Забележани се чести прекршоци од возачите на велосипеди кои ретко ги користат велосипедските патеки. Тие и понатака се движат по коловозните ленти, по тротоарите или управуваат велосипедот во спротивен правец и низ  едносмерни улици.

Бројни прекршоци во сообраќајот прават возачите на патнички и товарни моторни возила како и возачите на такси возилата. Тие, неправилно и непрописно ги паркираат возилата и го попречуваат нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, земаат патници не водејќи доволно грижа за местата на коловозите каде застануваат и за безбедноста на патниците. Возачите на возилата не ги почитуваат сообраќајните прописи за ограничување на брзината, неправилно се паркираат по коловозите низ градот посебно во централното градско подрачје, непрописно се престројуваат и непотребно се задржуваат на одредени места на коловозот.

Со цел безбедно одвивање на сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, полициската станица за безбедност на сообраќајот Охрид, презема засилени и интензивни мерки за надминување на овие состојби. Секојдневни ќе бидат сообраќајните патроли кои покрај превентивни ќе преземаат и казнени мерки кон сите учесници во сообраќајот кои ќе ги прекршат законските одредби на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. 

Подигнувањето на степенот на безбедност за сите учесници во сообраќајот е примарна и основна обврска на сообраќајната полиција. Во таа насока, мерките за поголема безбедност во сообраќајот ќе бидат континуирани и постојано спроведувани кон сите категории учесници.