Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово Велигден упати честитка до скопскиот Бискуп и Апостолскиот егзарх г-дин Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија, во која стои:
„Дозволете ми Вам лично, на Вашето ценето свештенство и монаштво, како и на сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија да ви упатам честитки по повод големиот христијански празник, денот на Христовото Воскресение – Велигден.
Денот на Христовото воскресение е најголемиот и најзначајниот ден во историјата на човештвото. Со Христовото воскресение луѓето ја добија и открија смислата на своето постоење и научија да се раководат во животот од вредностите, вербата, добрината, верувањето и љубовта. На Велигден, Бог ја покажа најголемата жртва и љубов кон човекот, која на сите подеднакво им се дарува, а таа љубов е наш патоказ во секојдневното живеење, да создаваме, да помагаме, да се молиме, да простуваме, да работиме за подобра иднина на секој човек.
Токму затоа, да му благодариме на Бога за добрините што ни ги прави, да го благословуваме неговото име и за него постојано да бидат отворени нашите срца. Да веруваме во Бога дури и во миговите на најголемо искушение, никогаш да не се откажеме од нашите вредности кои нé водат напред во животот, бидејќи тие се нашата духовна и физичка сила која ни дава енергија за нови достигнувања. Во тој дух, со несебично залагање, посветено и одговорно, заеднички и сплотено да продолжиме да создаваме подобри услови за развој на нашето општество, за економски просперитет на земјата, за повисок стандард на нашите граѓани, за помош на ранливите, за развој на потенцијалот на секој поединец и овозможувањето успеси на секој граѓанин со цел изградба на напредна и модерна Република Македонија.
Честитајќи Ви го големиот празник, Ви посакувам овие велигденски празници да ги минете во духовен мир, хармонија и многу љубов во Вашите семејства.
Нека е за многу години празникот! Христос Воскресна – Навистина Воскресна!“ – стои во честитката.