МЗТ Скопје го освои шестиот трофеј во Купот на Македонија

Во одлична кошаркарска атмосфера, пред полните трибини во СЦ „Борис Трајковски“, МЗТ Скопје Аеродром и Куманово одиграа атрактивен и доста неизвесен финален натпревар, кој на крајот им припадна на избраниците на Алеш Пипан, за одбрана на трофејот во Купот на Македонија. Дамјан Стојановски и Александар Костоски го поделија МВП признанието.

Многубројните присутни навивачи на двете екипи во нашата најголема арена, претставуваа дополнителна мотивација за кошаркарите на МЗТ и Куманово, кои знаеја да ги наградат со еден одличен натпревар, кој беше генерално изедначен во поголемиот негов тек. Борис Бакиќ одлично го стартуваше мечот, погодувајќи две тројки во низа за МЗТ Скопје, но Куманово го имаше расположениот Урош Луковиќ на двата краја од теренот и ниту едните, ниту другите не успеаја посериозно да се одлепат во текот на првото полувреме. Кумановци со шест поени во низа поведоа со 20-14 на крајот на првата четвртина, но МЗТ успеа да ја анулира негативата веднаш на старот на вториот период, со нови четири поени на Бакиќ и уште два на Дамјан Стојановски. Се играше цврсто во одбрана на двете страни, додека шутот од далечина не им одеше најдобро ниту на МЗТ ниту на Куманово.

Во третата четвртина, Дамјан Стојановски, заедно со Чековски и Гечевски превземаа поголем дел од одговорноста кај МЗТ и бранителот на трофејот поведе со блага едноцифрена предност, која знаеше да ја одржува. Урош Луковиќ заработи рана четврта лична грешка и мораше на клупа, а МЗТ фокусирајќи ја одбраната на бековското дуо Костоски-Димчевски, не дозволи Куманово да дојде до пресврт. Кумановци се приближија на пет поени негатива на нешто повеќе од три минути до крајот, сепак следуваа неколку реализации во низа на Дамјан Стојановски на спротивната страна и МЗТ оствари победа од 79-71, за шести Куп-трофеј во клупската историја, успевајќи да го повтори успехот од минатата година.

Дамјан Стојановски со 20 поени беше најпрецизен во тимот на МЗТ, а со двоцифрен број на поени завршија и Чековски, Бакиќ и Гечевски. Урош Луковиќ оствари дабл-дабл од 22 поени и 14 скокови, а меѓу најдобрите кај Куманово беа и Костоски со 16 поени и Димчевски со 10.

По завршувањето на средбата, Дамјан Стојановски и Александар Костоски го поделија МВП признанието. Овие двајца кошаркари беа носители на успешниот настап во овогодинешното издание на Купот за своите екипи. МЗТ со освојувањето на трофејот, а Куманово со првиот освоен медал во домашните натпреварувања во историјата на клубот.