На 5 април 2013 година во Скопје се одржаа вторите консултации за прашања поврзани со евроинтегративниот процес меѓу делегации на Министерствата за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција. Овие консултации претставуваат продолжение на претходно одржаниот ваков состанок помеѓу претставници на двете институции во Атина на 7 јуни 2012 година.
Македонската делегација ја повтори стратешката определба за натамошно унапредување на добрососедските односи со Република Грција, потврдена и преку доставените иницијативи за зајакнување на меѓусебната соработка во повеќе области, како и за интензивирање на билатералниот политички дијалог и контакти на сите нивоа.
Во фокусот на разговорите беа теми поврзани со секторската соработка од аспект на процесот на европска интеграција. Беше потврдена заемната заложба за реализирање на веќе договорените иницијативи за соработка меѓу министерствата за надворешни работи, како и оние за интензивирање на експертска соработка и дијалог во областа на транспортот и животната средина. Беше заеднички констатиран интерес за натамошно унапредување на економската соработка.
Во однос на процесот на пристапување во ЕУ, Македонската страна пренесе очекување за поддршка од Грција за донесување на одлука од страна на Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година, што би било во согласност со иницијативата Агенда 2014 на Грчкото Претседателство со ЕУ за ревитализирање на процесот на пристапување на земјите Балканот во ЕУ.
За време на состанокот, кој помина во конструктивна атмосфера, грчката страна информираше за подготовките и приоритетите на Грчкото претседавање со Советот на ЕУ во првата половина на 2014 година.
Беше договорено следниот состанок да се одржи во Атина до крајот на 2013 година.