Со задоволство можеме да констатираме дека граѓаните на Република Македонија од изборен циклус во изборен циклус покажуваат се повисока и повисока демократска свест. Граѓаните на Република Македонија и денеска излегоа и мирно и достоинствено, во фер и демократска атмосфера го дадоа својот глас за опцијата и програмата за која сметаат дека ќе им овозможи попросперитетна иднина.
Сите заедно треба да бидеме горди дека граѓаните не подлегнаа на манипулациите и сценаријата кои се најавуваа деновиве и не дозволија да бидат вовлечени во какви било инциденти.
Во моментов на најголемиот дел од 1614 избирачки места гласањето заврши без никаков проблем. Истите се затворени и започнува процесот на пребројување на гласови, кој исто така ќе биде обезбедуван од страна на полицијата, вклучувајќи го и доставувањето на гласачкиот материјал.
Само на неколку места, помалку од 1% гласањето е продолжено заради прекините кои настанаа од различни причини.
Со исклучок на неколкуте настани за кои ве информиравме, можеме да заклучиме дека согласно информациите од теренот и сите сознанија со кои располага Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи, изборниот ден мина како што сите посакувавме, согласно највисоките демократски стандарди.
Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент, ниту пак пристигнаа пријави за какво било поголемо нарушување на избирачкиот процес.
Штабот на Министерството за внатрешни работи во кој што партиципираат и претставници на меѓународните мисии во земјава продолжува да работи се до целосно завршување на изборниот процес.