Средба на претседателот Иванов со лидерите на партиите на Ромите

Претседателот Иванов, по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија и ги прими лидерите на партиите на Ромите во Република Македонија.

На средбата присуствуваа г-дин Амди Бајрам, Сојуз на Ромите од Македонија, г-дин Шабан Салиу, Обединети Демократски сили на Ромите, и д-р Бајрам Берат, Партија за интеграција на Ромите.

На средбата, што традиционално се одржува секоја година, претседателот Иванов и лидерите на партиите на Ромите разменија мислења околу положбата на ромското население во Република Македонија. Притоа, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и натаму ќе се залага за унапредување на правата на ромската заедница и за нивна целосна вклученост во македонското општеството.

Во овој контекст, претседателот Иванов нагласи дека не помалку важна е одговорноста на лидерите на ромските политички партии, на интелектуалците и на активистите, од кои се очекува активно да се ангажираат за надминување на предизвиците со кои се соочува ромската популација.

На средбата беа разменети мислења и оценки околу спроведувањето на Декадата на Ромите. Заеднички заклучок од средбата беше дека е потребна зголемена активност за целосно интегрирање на ромската популација во македонското општество, но и дека Република Македонија во европски рамки е лидер во почитување на правата на Ромите, како рамноправни граѓани на земјата.

Лидерите на партиите на Ромите се заблагодарија за поканата и можноста за средба со претседателот Иванов, истакнувајќи дека за нив е од голема важност значењето што Република Македонија го придава на положбата на Ромите, како и на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите.

Во честитката од претседателот Иванов до припадниците на ромската заедница во Република Македонија, стои:

„Ми претставува особенa чест и големо задоволство на сите припадници на ромската заедница во Република Македонија, да им го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

8 Април е ден кој со гордост го прославува најголемoто етничко малцинство во Европа и кој е убава можност да се афирмира историјата и културата на Ромите, но и да се проговори за актуелните предизвици со кои се соочуваат.

Република Македонија се гордее со припадниците на ромската заедница кои се нераскинлив дел од македонското општество и со степенот на права кои ги уживаат како пример за целиот свет. Имено, во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да ја развиваат својата култура и традиции, да гласаат за своите партии и кандидати, и да бидат претставени во сите институции на државата.

Процесот на натамошно подобрување на социјалната и економска положба на Ромите не запира и бара секојдневни активности и максимален ангажман. Бидете убедени дека во институцијата Претседател и во мојата личност имате посветен и верен поддржувач на овој процес. Нека е честит празникот.“