Црвенковски упати честитка по повод 8-ми април – Светскиот ден на ромите

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Бранко Црвенковски, денеска, по повод 8 април-Светскиот ден на Ромите,  упати честитка до сите граѓани на Република Македонија, припадници на ромската заедница, во која се вели:

„Дозволете ми во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија да ви го честитам Осми април, Меѓународниот ден на Ромите. Овој ден е можност да се потсетиме на историјата, искуството и наследството на најголемото етничко малцинство во Европа.

Иако Република Македонија предничи во нормативната вклученост и заштита на Ромите во општеството, за жал не можеме да избегаме од фактот дека ромскиот народ сè уште е социјално најзагрозената заедница. Секојдневната борба со дискриминацијата од најразлични видови, супстандардните услови за живот, тешкотиите во пристапот на образование и вработување треба да бидат приоритет за решавање и надминување на ваквата состојба на Ромската заедница во државата.

Заедничка е одговорноста за сите граѓани активно да се вклучиме во надминувањето на тешкотиите со кои се соочува и да и ги овозможиме условите со кои Ромската заедница полесно ќе се наметне како рамноправен и одговорен чинител во општеството.

Ромите се нераздвоен дел од државното ткиво на Република Македонија, кои со својата посветеност, милениумска култура и традиција, придонесуваат кон градење на стабилно мултиетничко и мултикултурно општество.

Нека ви е честит празникот и заедно да го славиме уште многу години“. – стои во честитката.