Министерството за финансии денеска исплати 71 милион денари на 3.117 земјоделци за одржување на овошни и лозови насади и производство на градинарски култури.
Како што соопшти Министерството за финансии, од овие средства 39,9 милиони денари им се исплатени на 1.035 земјоделци за одржување на овошни насади.
На 2.016 земјоделци им се исплатени 30 милиони денари за производство на градинарски култури.
Исто така, исплатени се 1,6 милиони денари на 66 лозари за одржување на лозови насади.
„Владата на Република Македонија и министерството за финансии со редовна исплата на субвенциите за земјоделците останува доследна поддршката на земјоделството како една од носечките гранки на македонското стопанство“, стои во соопштението.