Македонија трето место на турнирот „Јосип Каталински“

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина до 17 години е победник на меѓународниот турнир “Јосип Каталински“. Во финалниот дуел, БиХ по пенал рулет ја совлада кадетската репрезентација на Црна Гора. Македонија во натпреварот за третото место ја победи селекцијата на градот Сараево и источно Сараево со 2:1.

Репрезентативецот на БиХ, Исмаил Дураковиќ е прогласен за фудбалер кој по играта најмногу потсетува на Јосип Каталински. Признанието му го врачи Јасна Каталински, сопруга на покојниот фудбалски великан  Јосип Каталински.

Македонската репрезентација до 17 години со пораз од Босна и Херцеговина ги започна натпреварите од турнирот “Јосип Каталински“ во Сараево. Нашата селекција загуби со 4:1. Репрезентацијата на Македонија во првото полувреме пропушти две големи прилики за водство од 2:1, откако домаќинот го отвори резултатот, а нашите млади фудбалери израмнија на 1:1. Кадетската селекција на БиХ, при резултатски егал два пати спасуваше погодок за Македонија исфрлајќи ја топката од гол линија. Босна и Херцеговина не казни за нереализираните шанси постигнувајќи погодок за предност од 2:1 во последните секунди од првото полувреме. Во вториот дел, Македонија не беше на нивото од првите 45 минути, а репрезентација како Босна и Херцеговина чиј “костур“ го сочинуваат фудбалери кои играат во врвни европски тимови има сила и знаење рутински да запише победа. БиХ – Македонија 4:1.

Македонија играше во состав: Целески, Бичевски, Аломеровиќ, Георѓиевски, Дигаловски, Јевтовски, Ѓоргиев, Курт, Петковски, Здравковски и Христов. Селекторот Јетон Несими им даде шанса и на кочовски, Халими, Билали, Валмир, Гичевски и Лазаров.

Во натпреварот за третото место, Македонија ја победи селекцијата на Градот Сараево и Источно Сараево со 2:1. Головите за Македонија ги постигнаа Мартин Христов во 12-та и Бобан Ѓоргиев во 71-та минута.