Поради укината социјална помош и нерешено станбено прашање, денес претпладне лицето А.В. (30) од Охрид со секира во рака изврши насилство во Центарот за социјални работи.
Револтиран, тој насилно влегол во Центарот за социјални работи и со секирата започнал да ги крши прозорите од влезната врата и од другите канцеларии и помошни простории.
А.В. видно агресивен, ги искршил и компјутерите со целокупната компјутерска опрема поставени во канцелариските оддели. Потоа, започнал да ја оштетува и расфрла целокупната документација од работните бироа.
Со навремена реакција на полициските службеници, А.В. е приведен по што СВР Охрид против него ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Насилство“.