Температурата во морињата и океаните бележи пораст

Климатските промени имаат големо влијание на температурата на морињата и океаните. На картата која ја објави организацијата „Marinexplore“ од Калифорнија јасно се гледа дека загревањето на одредени подрачја се одвива многу побрзо отколку што било случај порано.

Картата на која се гледа загревањето на океаните и морињата јасно покажува дека температурата во океаните во последните 100 години пораснала за еден степен. Некои подрачја бележат пораст на температурата од дури 2 степени.

За разлика од повеќето мориња кои бележат пораст на нивната температура, има и од оние кои се ладат, особено околу Антарктикот. Таму се среќаваат најголемите осцилации, каде ладењето знае да биде два степени пониско од вообичаеното, додека пак топлењето повисоко за два степени.

Роберто де Алмеида, океанограф од „Marinexplore“, истакна еден интересен податок, дека одредени делови од океаните се загреваат до дури 700 метри длабочина, што би можело да ги загрози морските организми, бидејќи поголемиот дел од нив живее во горниот слој, до 400 метри длабочина.

Таквото загревање би можело многу да влијае на животот во морињата и океаните, од планктоните до китовите.