На штандот на Министерството за култура на Саемот на книгата денеска беше најавен нов проект на Владата на РМ – „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психонализа“, наменет за академската јавност, студенти, но и за широк круг читатели.
Новата едиција, за која информираше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе содржи 342 книги (102 од филозофија, 127 од историја и 109 од психологија и психонализа), а ќе се збогати со уште 44 наслови по препорака на експерти од овие науки од познати универзитетски центри. Изборот на делата и авторите и стручната редакција се на професори од соодветните катедри на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Канческа-Милевска истакна дека проектот ќе има трајно интелектуално влијание во македонскиот културен и научен контекст, кој ќе го збогати терминолошкиот речник и лексикографијата на македонскиот јазик.
„Во тематска и во содржинска смисла ќе ја потврдат важноста на општествените и хуманистичките дисциплини. Тоа се и дела кои ќе изградат цврста вредносна оска, клучна за натамошниот развој на македонската култура. Едицијата е потфат од исклучително научно, културно и општествено значење. Македонските граѓани преку неа ќе добијат можност да ја користат богатата продукција на дела кои извршиле пресудно влијание врз развојот на филозофската мисла во секој од главните периоди на нејзиниот развој – античкиот, средновековниот, нововековнот и современиот период“, рече министерката за култура.
Таа подвлече дека уште една голема придобивка од реализацијата на проектот е што со него ќе се афирмира македонскиот јазик и неговите капацитети кој, како што рече, несомнено може да ги пренесе и артикулира најсложените нијанси на мислата и значењата.
Академик Витомир Митовски посочи дека првпат на македонски јазик ќе бидат објавени стручни книги од филозофијата кои порано, а и се уште, се користат на јазиците од поранешна Југославија. Според него, радува фактот што, иако со задоцнување, созреале условите за еманципирање на македокиот научен јазик. Рече дека и денес оваа литература е зависна од тие јазици и дека мислите на Аристотел или Спиноза често се цитираат на српски/хрватски.
„По осамостојувањето се правеа обиди, но тоа беа индивидуални потфати и изолирани случаи, што резултираше со грдо шаренило во терминологијата. Овој проект е нов пристап во решавање на проблемот“, рече Митовски, додавајќи дека критички избраните капитални дела сеопфатно ќе и се приближат на јавноста и ќе се избегнат инцидентни преводи со кои се пополнувале празнините, а стручниот превод ќе биде меродавен за работата во оваа област кај нас.
Деканот на Филозофскиот факултет Горан Ајдински ја поздрави иницијативата за овој, како што рече, грандиозен проект, и нагласи дека се почестени од вклученоста во редактирањето што потврдува дека катедрите на факултетот имаат врвни експерти.